• среда, 19 февруари 2025

Левица: Пратениците на ВМРО - ДПМНЕ и ЗНАМ во последен обид да ја саботираат Надзорната расправа за опасното аерозагадување на Скопје и другите градови

Левица: Пратениците на ВМРО - ДПМНЕ и ЗНАМ во последен обид да ја саботираат Надзорната расправа за опасното аерозагадување на Скопје и другите градови

Скопје, 16 февруари 2025 

Ја информираме јавноста дека рекордерите во наплата на патни трошоци, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, се обидуваат да ја саботираат првата закажана парламентарна Надзорна расправа на тема: „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите македонски градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје на населението“.

Иако премиерот Мицкоски веќе најави дека „со задоволство би присуствувал на една ваква надзорна расправа на тема од јавен интерес“, сепак неговите послушници во парламентот, преку процедурални сопки и недозволиви креативни толкувања на Деловникот на Собранието на РМ – сакаат, преку ненадлежната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања (со која раководи некредибилниот Миле Лефков од ДПМНЕ), отворено да ја суспендираат народната волја и дрско да го оневозможат одржувањето на веќе закажаната Надзорната расправа за 25 февруари 2025 година - на која веќе се поканети и потврдени околу 40-на гости од сите владини и невладини институции и организации: министри, инспектори, секретари, градоначалници, директори на јавни и приватни претпријатија, еко-активисти, стручњаци, универзитетски професори, научници и новинари.

Со одењето директно против интересите на народот за одржување на првата задолжителна Надзорна расправа во Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот (со која ракови проф. д-р Димитар Апасиев) на ваква многу важна тема, која опозицијата ја иницира за прв пат во македонскиот парламент согласно правата дадени во новиот собраниски Деловник – власта само покажува дека се плаши од искрено и јавно соочување со факти, аргуметни и докази за алармантното загадување на воздухот кој го дишат граѓаните и дека очајнички се обидува да ги заштити крупните капиталисти кои го трујат Скопје и другите градови, а кои се директни бизнис-партнери, т.е. финансиери на ДПМНЕ и ЗНАМ и донатори на општините со кои раководат нивните неспособни градоначалници.

Пратениците на Левица ќе ги искористат сите правни можности за да ја спречат оваа досега невидена саботажа на парламентарната контрола за екстремно важна тема од јавен интерес! Истовремено, упатуваме апел до спикерот Африм Гаши, како прв меѓу еднаквите, да не потпаѓа под влијание на ваквите пакосни манипулатори и стриктно да се држи до Деловникот, бидејќи во спротивно против него ќе иницираме уште една постапка пред Уставниот суд на РМ заради спречување на правото на политичко дејствување во македонското Собрание, како пратеничка група на Левица.

Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан