• вторник, 18 февруари 2025

Осумдесет години постоење на Службен весник - сведоштво за континуитет и посветеност кон правната држава и институционалниот поредок

Осумдесет години постоење на Службен весник - сведоштво за континуитет и посветеност кон правната држава и институционалниот поредок

Скопје, 18 февруари 2025 (МИА) - Осумдесет години постоење на ЈП „Службен весник“ на Северна Македонија не е само бројка, тој е сведоштво за континуитет, професионализам и посветеност кон правната држава и институционалниот поредок. Од своето основање до денес, ова претпријатие претставува темел на правната сигурност, извор на официјалната вистина и гарант на транспарентноста во донесувањето и примената на законите. Се создаваат значајни чекори во градење на современа стратегија за дигитална трансформација на претпријатието, а за реализација на оваа цел клучна е улогата на институциите и поддршка на Владата.

Ова беа дел од заклучоците посочени денеска за време на одбележувањето на јубилејот 80 години постоење на ЈП „Службен весник“ на Република Северна Македонија, што се одржа во Скопје.

Директорот на „Службен весник“, Владимир Кроневски во своето обраќање на настанот информираше дека за овие осум децении испечатени се над осум илјади изданија. Како што подвлече, Службениот весник е хроничар на државноста на сите историски акти и документи на целата правна регулатива.

Тој подвлече дека Јавното претпијатие Службен весник е гаранција за правната сигурност и транспарентност во државата.

-Овие 80 години, оваа инситтуција работи на објавување на законите и другите прописи и акти во печатена или во електронска форма, на генерации на граѓани низ страниците на службеното гласило и информира за државниот поредок, за промените во општеството и насоките кон кои се движи нашата држава. Времињата се менуваат, а со нив и предизвициите. Денешното работење бара нови пристапи, современи решенија и постојано прилагодување, рече Кроневски.

Како што напомена, дигитализацијата е патот кон иднина на ова претпријатие.

-Не зборуваме само за тренд или за технолошки напредок, туку и за нови начини на размислување, нова работа и начини на интеракција со граѓаните. Во таа насока, проектираме понуда со уникатна можност да ја унапредиме транспарентноста преку дигиталните платформи, јасност и прецизност на секој клучен сегмент во градење на доверба кај граѓаните. Да ја зголемиме ефикасноста, наместо традиционалниот начин на печатење и дистрибуција. Дигитализацијата ќе доведе до значителна заштеда на времето за објавување и доставување на документи, додаде Кроневски.

Тој потенцираше дека преминот кон дигиталната форма и едуцирањето кон користење на технологијата ќе даде значителен придонес во заштита на животната средина. Напомена дека прават значајни чекори во градење на современа стратегија за дигиталната трансформација.

-Нашата визија е да создадеме целосна дигитализирана платформа, која ќе биде интерактивна, со цел граѓаните полесно да ги најдат информациите кои им се потребни. Во оваа насока, пред нас стојат предизвици во модерните технологии. Улогата на институциите и поддршката на владата се клучни за реализација на овие цели. Дигитализацијата не е само техничка трансформација, туку и културна промена која поттикнува нов начин на размислување и нови вештини, рече Кроневски.

Според Кроневски, Службениот весник е гордо на минатото и е подготвено за иднината.

Министерот за правда Игор Филков во обраќањето потсети дека бројот „еден“ е издаден пред осумдесет години на се уште целосно неослободена територија на Македонија, како президиумот на антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија АСНОМ. На 18 февруари 1945 година, почнува да се издава Службено гласило на македонската држава.

-Првиот број на Службен весник е резервиран за објавувањето на актите на Првото заседание на АСНОМ и на актите на президиумот на АСНОМ, донесени во периодот од август 1944 година до почетокот на издавањето на весникот, кои не можеа да бидат објавени во времето на нивното донесување, поради тоа што седниците на овие органи биле одржувани во услови по окупација. Првиот број ги содржи првите акти на АСНОМ, 2 август 1944 година, кога е формирана македонската држава со сите елементи на државноста, како телата на законодавната и извршната власт, јазикот и системот на образование, системот на здравството, никулецот на судството, платежното средство, територијалната поделба на државата, оперативните решенија, рече Филков.

Како што додаде, 2 август е избран за народен, државен празник на македонскиот народ и македонската држава, како симбол на сите негови борби, за негово конечно ослободување од вековното робство и создавање на слободната и современа федеративна македонска држава.

-Уште поголема е гордоста за тоа што нашата држава е посветена на човековите права, усвојувајќи ја декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија, при тоа, во членот 5 на истата, е сосема јасно утврдено дека сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса. Оваа определба во ништо не отстапува од определбите на современите држави, и е особена битна за нас сега, кога Северна Македонија успешно чекори на патот кон европските интеграции. Важен сегмент е токму усогласувањето на нашето законодавство со законодавството на ЕУ, посочи Филков.

Заменик претседателот на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски потенцираше дека осумдесет годишниот јубилеј на Службениот весник сведочи за историјата на нашата држава, за сите важни историски акти и документи објавени во ова службено гласило, кое чекори заедно со историјата и иднината на нашата држава.

-Во македонското службено гласило, од неговиот прв број, па се до денес, објавени се бројни закони и подзаконски акти, кои го сочинуваат правниот систем на државата, при што ги опфаќа сите значајни настани кои ја одбележаа нашата историја. Овој јубилеј не е само бројка, тој е сведоштво за континуитет, професионализам и посветеност кон правната држава и институционалниот поредок. Од своето основање до денес, ова претпријатите претставува темел на правната сигурност, извор на официјалната вистина и гарант на транспарентноста во донесувањето и примената на законите, рече Димовски во своето обраќање.

Како што подвлече, во изминатите осумипол децении, сведоци сме на огромни општествени и правни промени, но непроменета останува мисијата Службениот весник да биде точен, веродостоен и достапен чувар на правните норми.

-Благодарение на вашата работа, секој граѓанин, институција и бизнис можат навремено и прецизно да се информираат за правната рамка која го обликува нашето секојдневие. Со оглед на позитивниот исчекор и следењето и имплементацијата на европските стандарди, Службен весник е едно од ретките јавни претпријатија кај нас, здобиено со сертификат за квалитет и е прво Јавно претпријатие во нашата држава здобиено со сертификат за безбедност на информациските системи, рече Димовски. бт/нд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан