• понеделник, 13 октомври 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Ламерт: Мерките на Грција за азилантите мора да се во согласност со законодавството на ЕУ 

Ламерт: Мерките на Грција за азилантите мора да се во согласност со законодавството на ЕУ 

Брисел, 10 април 2025 (МИА) - Европската комисија е свесна за плановите на грчката Влада за суспензија на приемот на апликации за азил од мигранти од северна Африка, но нема да ги коментира имајќи предвид дека станува збор за предлог доставен на усвојување до грчкиот Парламент, изјави портпаролот на ЕК за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото Маркус Ламерт. 

- Ние не коментираме предлози. Ќе можеме да се осврнеме на ова дури откако ќе биде усвоен новиот закон, рече Ламерт, додавајќи дека при носење на какви и да било закони земјите членки мора да го почитуваат европското законодавство. 

Според Ламерт, ваквите најавени мерки од страна на Грција мора да се сфатат во контекст на вонредната ситуација поврзана со Либија и можните последици од неа по европската безбедност и миграциските текови. 

- Ние сме во постојан контакт со грчките власти за да ги добиеме потребните информации за овие мерки и за нивното спроведување во пракса, рече Ламерт. 

Тој додаде дека Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува Грција во справувањето со илегалните мигранти, и оперативно и финансиски, и е подготвена да ја засили таа поддршка преку агенциите на ЕУ. 

Грчкиот министер за миграција и азил Танос Плеврис во објава на Икс во врска со предложените измени порача дека нема да бидат прифаќани барањата за азил на оние кои илегално влегуваат во Грција и тие ќе бидат апсени, притворени и враќани назад. 

Со измените на Законот се предвидува суспендирање на приемот на барања за азил од лица од северна Африка, кои илегално влегле во Грција со пловни средства и тие ќе бидат вратени, без да бидат регистрирани, во државата од која дошле или во нивната земја на потекло. 

Поради зголемените мигрантски бранови од Либија кон јужна Грција и островите Гавдос и Крит, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера најави построги мерки за мигрантите и порача дека „рутата кон Грција се затвора“. сп/паг/

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан