• сабота, 21 декември 2024

Курти: Приштина и Скопје треба да ја спречат Србија да го шири рускиот и кинескиот интерес во регионот

Курти: Приштина и Скопје треба да ја спречат Србија да го шири рускиот и кинескиот интерес во регионот

Приштина, 3 јуни 2022 (МИА) - Владата на Косово објави дека нејзиниот претседател Албин Курти добил покана од неговиот македонски колега Димитар Ковачевски за учество на самитот на „Отворен Балкан“, што ќе се одржи на 7 и 8 јуни во Охрид, на што одговорил со писмо до македонскиот премиер, во кое го повторил неговото противење на иницијативата покрената од Северна Македонија, Србија и Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што пренесуваат косовските медиуми, Курти не ја одбил експлицитно поканата од Ковачевски, но од контекстот на писмото може да се подразбере дека нема намера да учествува на самитот во Охрид.

Курти во неговото писмо нагласува дека Косово е ангажирано во Берлинскиот процес, кој беше усвоен од шесте држави на Западен Балкан на самитот во Софија во 2020 година и кој е целосно поддржан од Европската унија.

- Република Косово ја поздравува регионалната соработка заснована на принципите на рамноправност, од која на крајот граѓаните ќе имаат корист. За таа цел ние сме активно ангажирани во Берлинскиот процес, кој покрива многу регионални иницијативи, вклучувајќи го Заедничкиот регионален пазар (ЦРМ), кој беше усвоен од шесте држави на Западен Балкан на самитот во Софија во 2020 година и кој е целосно поддржан од Европската унија, се вели во писмото на косовскиот премиер до неговиот македонски колега.

Според Курти, двете земји споделуваат заеднички вредности и заеднички аспирации за зачленување во ЕУ.

- Ние исто така ја делиме заедничката верба во слободата, демократијата, правдата и почитувањето на човековите и граѓанските права, слободата на медиумите и слободата на изразување и за една политичка средина во која опозицијата не се замолчува, туку блика и може да победи на наредните избори. Ова е причината (...) зошто нашите две земји постојано ја следат надворешната политика на ЕУ, вклучително и спротивставувањето на неиспровоцираната и неоправдана окупација на Украина од страна на Русија, пишува Курти.

Според косовскиот премиер, Приштина и Скопје треба заедно да работат „на спречувањето на Србија да го шири нејзиниот руски и кинески интерес“ во регионот.

- Имајќи ги предвид нашите заеднички вредности, во наш интерес е да работиме заедно на спречувањето на Србија да го шири нејзиниот руски и кинески интерес во нашиот регион, негирајќи ја постојано независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово и блокирајќи ги еднаквите можности за косовските граѓани, му пишува Курти на Ковачевски. иа/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан