• петок, 10 мај 2024

Куманово ќе ги потпише договорите со избраните превозници наредната недела

Куманово ќе ги потпише договорите со избраните превозници наредната недела
Куманово, 29 април 2022 (МИА) - Наредната недела ќе бидат потпишани договорите со избраните компании за линиски превоз, постапката веќе е во завршна фаза, информираше денеска градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Тој најави и субвенционирање за трошоците кои ги претрпеа граѓаните од неколкуте населби кои се уште немаат превоз. - Постапката е во завршна фаза мислам дека следната недела ќе бидат потпишани сите договори со избраните компании на тендер и ќе се спроведува согласно планот на активности. Дополнително на една од следните седници ќе излезам пред советот со предлог да се најде некој начин да се субвенционираат трошоците на граѓаните кои трпеа штета по семејните буџети, поради законските и административните пречки на самата постапка. Тоа ќе значи некој вид на компензација за тие граѓани кои во минатиот период беа изложени на проблеми со јавниот превоз за тие линии за кои немавме изберено изведувачи, изјави Димитриевски. Ако повторно не се потпишат договори, тогаш општината ќе набави свои возила за превоз, иако, како што кажа Димитриевски, ќе трпи развојната програма на општината. - Доколку се случи да не бидат потпишани договорите тогаш општината ќе биде принудена да издвои средства да направи брз ребаланс на буџетот и да издвои средства за купување на нови возила што пак таквата одлука дополнително ќе ни ја отежни развојната компонента финансиската состојба во општината. Ќе мора да се вадат средства и пари планирани за развој на инфраструктура и да ги трошите за купување на превозни средства, рече кумановскиот градоначалник. Постапката за избор на превозници за атрактивните со неисплатливите линии кои водат кон руралните средини се ставени во нов пакет, што беше оспорено од превозниците кои организираа и протест, е повторена и сега линиите за кои немаше интерес поради економска неисплатливост се ставени во пакет со оние најатрактивните што беа оспорени од дел од превозниците. Најголем дел од превозниците  учествуваа во постапка која што по неколку месеци ќе треба да ги реши актуелните проблеми со превозот во Куманово. Во долгата постапка, од почетокот на годинава Куманово во моментов има превоз за 15 од вкупно 26 линии. Превоз нема кон поголемите приградски населби и кон селата. ам/цр

Остани поврзан