• четврток, 11 декември 2025

Куманово почна со изработка на стратегија за родова еднаквост

Куманово почна со изработка на стратегија за родова еднаквост

Куманово, 21 ноември 2025 (МИА) - Општина Куманово почна со изработка на првата стратегија за родова еднаквост. На денешната прва работилница претставниците на интерсекторската група кажаа дека стратегијата ќе има важност од 2026 – 2030 година. Овој документ, општина Куманово, првпат го изработува. Активностите за подготовката на стратегијата се поддржани во рамките на јавниот повик за финансирање на превентивни мерки и активности во областа на социјалната и детска заштита и во Куманово ги реализира здружението „Мајка“.

- Процесот на изработка ќе се одвива во неколку фази, првин ќе се истражува состојбата, ќе се анализа на тековната положба на жените и мажите во различни сфери во општината, со цел да се утврдат недостатоците и предизвиците. Ќе се идентификуваат приоритетни области, ќе се дефинираат секторите, ќе се подготват стратешки цели преку работни групи, составени од претставници на локалната самоуправа, советници, Центарот за социјална работа и невладиниот сектор, ќе ги формулираат клучните цели и мерки, изјави претседателката на здружението „Мајка“, Лидија Илијевска.

Подоцна ќе следи јавната расправав, ќе се подготви нацрт документот и ќе се достави пред советот кој ќе го разгледува. Стратегијата за родова еднаквост е замислена како темелен петгодишен документ што ќе го постави правецот на делување на општината во насока на родов баланс и родово чувствителни локални политики.

- Целта е сите локални политики, проекти и услуги, од социјална заштита, образование и здравство, до урбан развој и јавни услуги, да создаваат еднакви исходи и придобивки за сите граѓани, без разлика на полот. Изработката на стратегијата е пред донесување на буџетот, што е клучно за реализација на мерките, изјави претседателската на Советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Создавањето на стратегија за родова еднаквост ќе придонесе за креирање на родово чувствително буџетирање, подобрување на пристапот до услуги и ресурси, јакнење на учеството на жените во јавниот и политичкиот живот. ам/бк/

Фото: општина Куманово

Остани поврзан