• вторник, 16 јули 2024

Кулеба се заблагодари за почетокот на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ

Кулеба се заблагодари за почетокот на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ

Киев, 24 јуни 2024 (МИА) - Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска во Луксембург им се заблагодари на претставниците на 27 земји-членки на ЕУ што ја одобрија преговарачката рамка за Украина и Молдавија и што утре ќе почнат пристапните преговори со овие две земји. Кулеба на својот профил на мрежата Икс рече дека денеска одржал говор пред Советот за надворешни работи на ЕУ.

„Им се заблагодарив на претставниците на 27-те земји-членки на ЕУ за одобрувањето на преговарачката рамка за Украина и Молдавија. Нашите преговори за влез во ЕУ ќе започнат утре“, напиша шефот на украинската дипломатија.

За време на својот говор, Кулеба ја истакна важноста на 14-тиот пакет санкции на ЕУ со цел „понатамошно сузбивање на воената економија на рускиот претседател Владимир Путин“ и ја поздрави најновата одлука на Европската унија да ги искористи замрзнатите средства на Руската Федерација во интерес на Украина, пренесува новинската агенција УНИАН.

Украинскиот дипломат ги повика сојузниците да ја забрзаат испораката на воена помош, особено опрема за системи за противвоздушна одбрана, како и да го прошират производството во секторот на одбранбената индустрија. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан