• петок, 05 декември 2025

Крос до Јамал: Фудбалската кариера не е спринт, туку маратон

Крос до Јамал: Фудбалската кариера не е спринт, туку маратон

 

Рим, 10 јули 2025 (МИА) – Поранешниот германски репрезентативец Тони Крос (35), кој десет години беше столб во средниот ред на Реал Мадрид, изјави дека е воодушевен од настапите на 17-годишниот Ламин Јамал, но, притоа, го советуваше дека фудбалската кариера не е спринт, туку маратон.

„И јас се приклучив на првиот тим на Баерн на 17 години, но не бев на исто ниво како Јамал. Тој е природен талент, но никогаш не сум видел толку млад фудбалер способен постојано да прикажува толку добри настапи. Тој ја презема одговорноста кога неговиот тим ќе западне во проблеми. Никогаш не сум видел такво дете. Тој одигра две одлични сезони, а последната беше дури уште поспектакуларна од првата“, изјави Крос за италијанскиот весник „Ла Газета дело Спорт“.

Јамал, кој в недела ќе го прослави својот 18 роденден, минатата сезона постигна 18 голови и додаде 25 асистенции за Барселона.

„Фудбалската кариера не е спринт, туку маратон. Успехот зависи не само од тоа што се случува на теренот, туку и од работите надвор од него. Треба да научите како да управувате со различни аспекти од животот. Ќе видиме како Јамал ќе се справи со ситуации надвор од фудбалот во следните пет или десет години“, рече Крос, кој на ланското Европско првенство стави крај на трофејната 17-годишна професионална кариера. ег

ФОТО: ЕПА

Остани поврзан