• петок, 22 ноември 2024

Кристиан Шопов за МИА: Преку магијата до зголемување на свеста кај децата за селекција на амбалажен отпад

Кристиан Шопов за МИА: Преку магијата до зголемување на свеста кај децата за селекција на амбалажен отпад
Скопје, 23 октомври 2022 (МИА) - Со помош на триковите го привлекувам вниманието на децата, а потоа ги едуцирам како да селектираат амбалажен отпад. Верувам дека ова нема веднаш како магично стапче да го реши проблемот со отпадот, но ќе даде свој придонес во решавањето, вели во интервју за МИА Кристиан Шопов, магионичар, илузионист и екологист, кој со своите магионичарски настапи ги забавува но и ги едуцира децата за екологија. Кристиан Шопов, освен што во јавноста е препознатлив по своите магионичарски трикови, исто така, веќе неколку години наназад работи на проекти финансирани од компанијата „Пакомак“, а освојувал и награди поврзани со еко едукација и претприемништво. -Во 2017 и 2018 година ја креирав и спроведов кампањата „Хокус покус рециклирањето е во фокус” за компанијата „Пакомак“, која имаше за цел да едуцира деца од 6-10 години за селекција на амбалажен отпад. Кампањата се состоеше од детска едукативна магионичарска претстава, која ја видоа над 33.700 деца во Скопје од 52 училишта и уште 17.000 деца од 45 училишта од 7 градови од земјата, објаснува Шопов за МИА. Во рамките на оваа кампања, како што потенцира, децата преку интерактивни трикови учеа дека амбалажниот отпад може да се рециклира. -На пример, стар искинат весник пред нивните очи се составуваше во нов и со тоа визуелно им ја доловив магијата на рециклирањето дека од старо може да се добие ново. Откога ќе научеа дека може да се рециклира, учеа како пластичните шишиња и останатиот амбалажен отпад во која боја на контејнер на „Пакомак“ треба да го фрлат, за да имаме чиста животна средина, додава Шопов. Финале на овој проект беа три големи претстави во Филхармонија на мала бина, каде Шопов настапувал со поголеми трикови како сечење човек на половина и слично. Според Кристиан Шопов, сите заедно треба да дејствуваме за најмалите да ги научиме како да се однесуваат кон животната средина, бидејќи еден ден тие ќе ги носат клучните одлуки и доколку сега ги научиме правилно, можеме да бидеме сигурни дека сме придонеле за подобар свет во иднина. Тој во интервјуто за МИА испрати апел сите да селектираат амбалажен отпад. Посочи дека и тој самиот следи еколошки навики, користи платнена торба кога пазари, стари листови хартија кои се бели од едната страна ги користи за пишување или скицирање, а од една стара картонска кутија направил магионичарски реквизит со кој настапува. -Апелирам сите да селектираат амбалажен отпад, бидејќи ако се фрли едно шише пластично во обичен контејнер тоа ќе заврши на депонија и ќе ја загадува природата. Затоа треба да се селектира за истото шише да се рециклира и да имаме чиста животна средина, додава Шопов. Во однос на своите идни планови, Кристиан Шопов го најави проектот „Училиште за еко магионичари”, при што на својот јутјуб канал ќе објавува видеа за едукација на децата како да изведуваат магични трикови и како да селектираат отпад. -Овие видеа ќе придонесат децата пред сè да се забавуваат, но преку изведбата на триковите што ќе ги научат, ќе развиваат вештини, како презентациски вештини, меморија, спретност, планирање, социјални вештини и многу други. Исто така, тука е и проектот „Магични насмевки”, чија цел е да настапувам за лица од ранливи групи и со моите магични трикови да им подарам насмевки. До сега настапив за дел од децата од згрижувачки семејства. Настанот се одржа во Домот „11 Октомври“. Планот ми е секоја недела да посетувам различна установа, вели Шопов за МИА. Кога и како се роди желбата за магионичарските трикови? Кога бев дете гледав магионичари на телевизија и нивните настапи ме фасцинираа и магепсаа. Едвај чекав да има магионичар на ТВ за да можам да уживам и да мечтаам дека еден ден и јас ќе можам да настапувам како него. Колкав е интересот кај децата за ваков тип на забави? Децата сакаат магија. Нив целиот свет им е чудесен. Летањето на авионот, микробрановата печка која загрева храна се е тоа магија за нив. Мојата магија која им ја презентирам е комична, интерактивна и тие се во центарот на настапите. Тие прават магионичарски трикови, магијата се случува во нивните раце. Затоа ги сакаат настапите бидејќи им давам шанса тие да се почувствуваат како да се магионичари. Студиите ги имаш завршено на економскиот факултет, отсек маркетинг. Како ги комбинираш маркетингот со магијата? Маркетингот е магија сама по себе. Тој е апликативен во секој бизнис, но и во приватниот живот. Јас ги обединив формалното образование со хобито, со цел да правам позитивно влијание во општеството. Еве како тоа го правам: Преку магионичарски настапи промовирам селекција на отпад и други еко теми кои се за општо добро. Ја користам магијата како средство за промоција. Со триковите го привлекувам вниманието на публиката и потоа ги едуцирам за тоа како да селектираат амбалажен отпад. Исто така, примената на формалното образование ми е тоа што сум сам свој менаџер и продуцент на своите проекти. Работиш на проекти за едукација на деца да селектираат отпад, финансирани од компанијата „Пакомак“. За какви проекти станува збор? Во 2017 и 2018 година ја креирав и спроведов кампањата „Хокус покус рециклирањето е во фокус” за компанијата „Пакомак“, која имаше за цел да едуцира деца од 6-10 години за селекција на амбалажен отпад. Кампањата се состоеше од детска едукативна магионичарска претстава кој ја видоа над 33.700 деца во Скопје од 52 училишта и уште 17.000 деца од 45 училишта од 7 градови од земјата. Преку интерактивни трикови децата учеа дека амбалажниот отпад може да се рециклира. На пример, стар искинат весник пред нивните очи се составуваше во нов и со тоа визуелно им ја доловив магијата на рециклирањето дека од старо може да се добие ново. Откога ќе научеа дека може да се рециклира, учеа како пластичните шишиња и останатиот амбалажен отпад во која боја на контејнер на „Пакомак“ треба да го фрлат за да имаме чиста животна средина. Финале на тој проект беа три големи претстави во Филхармонија на мала бина, каде настапуваав со поголеми трикови, како сечење човек на половина и слично. Проектот покрај еко димензија, имаше и социјална димензија. Ангажирав лице со физичка попреченост кое беше задолжено за договарање на настапите. Тоа го праеше од дома преку телефон и е-маил. Толку професионално ја заврши работата што даде огромен придонес за успешноста на проектот. Какви и колку награди имаш добиено поврзани со еко-едукација? Ова се наградите поврзани со еко едукација и претприемништво кое има за цел да прави позитивни промени во општеството: - Проектот „Хокус покус рециклирањето е во фокус” кој го креирав и реализирав за компанијата „Пакомак“ доби награда „Energy Globe Award “ во 2020 година - Проектот „Хокус покус рециклирањето е во фокус” кој го креирав и реализирав за компанијата „Пакомак“ доби награда од Министерство за економија за Придонес за животна средина во 2018 година. - „Social Impact Award” - награда од 2000 евра во 2018 година. - Регионален натпревар „Филантропија за зелени бизниси” што го финансира Фондот на браќата Рокфелер од САД со бизнис идеја под име „Еко Илузии” (10.000 $) во 2017година. Од сите награди, најголемиот импакт врз мојот живот има првата награда на регионалниот натпревар „Филантропија за зелени бизниси” која сега се вика „Зелени идеи” и во нашата земја ја адмнистрира здружението АРНО, а финансиер е Фондот на браќата Рокфелер од САД. Оваа награда ми отвори многу врати и ми покажа дека моите идеи на регионалниот натпревар од интернационално жири беа препознаени како општокорисни и истите беа наградени. Колку според тебе децата се запознаени и едуцирани за селекција на отпад? Компанијата „Пакомак“ спроведува континуирана промоција за едукација на населението. Образовните институции исто така ги едуцираат децата. Кога настапувам и ги прашувам децата дали знаат како да селектираат отпад секогаш има деца кои знаат, но за жал има и дечиња кои не се запознаени. Затоа, со здружени сили сите заедно треба да дејствуваме за најмалите да ги научиме како да се однесуваат кон животната средина бидејќи еден ден тие ќе ги носат клучните одлуки и доколку сега ги научиме правилно можеме да бидеме сигурни дека сме придонеле за подобар свет во иднина. Сметаш ли дека со ваков тип на проекти ќе се зголеми свеста кај децата за екологијата? Дефинитивно овие проекти ќе придонесат за зголемена свесност. Можеби нема да го решат проблемот веднаш како со магично стапче, но ќе дадат придонес во решавањето. Кои еколошки навики ги следиш? Селектирам амбалажен отпад. Апелирам сите да го прават тоа, бидејќи ако се фрли едно шише пластично во обичен контејнер тоа ќе заврши на депонија и ќе ја загадува природата. Затоа треба да се селектира за да истото шише се рециклира и да имаме чиста животна средина. Користам платнена торба кога пазарам. Стари листови хартија кои се бели од едната страна ги користам за пишување, скицирање... Реупотреба од стара картонска кутија направив магионичарски реквизит со кој настапував. Овој принцип го применив и во други трикови. Може ли да ми откриеш некои планови или проекти на кои ќе работиш во блиска иднина? Наскоро ќе можеме да селектираме пластични шишиња и лименки во новите „вендинг“ машини на „Пакомак“. Тоа се машини кои се употребуваат во развиените земји и даваат можност за селектираните пластични шишиња и лименнка да се добијат зелени поени со кои ќе може да се купува на одредени места. Моја задача ќе биде на децата да им го претставам овој магичен начин за селекција на отпад. Тоа ќе го правам преку снимање на видеа, претстави, подарување на подароци. Повеќе детали за овој прокет ќе споделам наскоро. На мојот Јутјуб канал започнувам проект „Училиште за еко магионичари” при што ќе објавувам видеа преку кои ќе ги учам децата како да прават магични трикови и како да селектираат отпад. Овие видеа ќе придонесат децата пред сè да се забавуваат, но преку изведбата на триковите што ќе ги научат ќе развиваат вештини, како презентациски вештини, меморија, спретност, планирање, социјални вештини и многу други. Исто така, во 2023 година правам 20 години од мојот прв јавен настап. Планирам да го одбележам тој јубилеј со еко магично шоу. И проектот „Магични насмевки”, чија цел е да настапувам за лица од ранливи групи и со моите магични трикови да им подарам насмевки. До сега настапив за дел од децата од згрижувачки семејства. Настанот се одржа во Дом „11 Октомври“. Планот ми е секоја недела да посетувам различна установа. Бисера Трајковска Фото - Фросина Насковиќ

Остани поврзан