• вторник, 17 септември 2024

Кремљ: Обидот за атентат врз Трамп е последица на американското „играње со оган“

Кремљ: Обидот за атентат врз Трамп е последица на американското „играње со оган“

Москва, 16 септември 2024 (МИА) - Кремљ денеска соопшти дека поврзаноста меѓу Украина и осомничениот напаѓач во обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп покажува дека „играњето со оган“ има последици, пренсе Хина.

Запрашан за тоа што ФБИ го нарече обид за атентат врз Трамп, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави  дека „не сме ние тие што треба да размислуваме, туку американските разузнавачи. Во секој случај, играњето со оган има последици“.

Коментарот се однесуваше на поддршката што САД и ја даваат на Украина во војната против Русија.

Си-Ен-Ен, Фокс Њуз и Њујорк Тајмс го идентификуваа осомничениот како 58-годишниот Рајан Весли Роут од Хаваи, повикувајќи се на неименувани безбедносни службеници.

Три профили на социјалните мрежи со името на Рут сугерираат дека тој бил жесток поддржувач на Украина во нејзината војна против Русија.

„Њујорк тајмс“ објави дека го интервјуирал Рот во 2023 година за напис за Американците кои доброволно се пријавиле да им помогнат на украинските воени напори.

Рут за Тајмс изјави дека отпатувал во Украина и таму поминал неколку месеци во 2022 година и дека се обидувал да регрутира авганистански војници кои избегале од талибанците за да се борат во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го осуди обидот за атентат врз републиканскиот претседателски кандидат и рече дека политичкото насилство е секогаш неприфатливо.

„Мило ми е што слушам дека Доналд Трамп е безбеден и неповреден. Ги испраќам моите најдобри желби до него и неговото семејство“, наведе Зеленски на социјалната платформа X.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан