Кремљ: Бајден со изјавите за Путин ги брука САД
Москва, 22 февруари 2024 (МИА) - Кремљ денеска соопшти дека Џо Бајден ги поткопува САД со своите изјави против рускиот претседател Владимир Путин, кого го нарече „луд кучкин син“, додавајќи дека последната изјава на Бајден е лош обид да глуми „холивудски каубој“.
„Ги имаме лудиот к....н син Владимир Путин и другите, и секогаш мораме да се грижиме дека може да избие нуклеарна војна, но егзистенцијалната закана за човештвото е климата, рече американскиот претседател Џо Бајден во Сан Франциско, каде што собира донации за неговата кампања.
Портпаролот на Кремљ Димитриј Песков возврати дека „употребата на таков јазик од страна на американскиот претседател против друг шеф на држава тешко дека ќе му наштети на нашиот претседател“.
-Но, таквиот говор го деградира оној што го користи, рече тој.
Песков понатаму сугерира дека Бајден се обидел да го глуми „холивудскиот каубој“, но дека, искрено кажано, тој не мисли дека тоа е можно.
-Дали Путин некогаш изговорил барем еден груб збор во своето обраќање? Тоа никогаш не се случило. Ваквиот речник само ја поткопува Америка, рече Песков и додаде дека зборовите на Бајден се вистински срам за САД.
Но, поранешниот руски претседател од 2008 до 2012 година, Димитриј Медведев, еднаш рече дека егзистенцијалната закана за светот доаѓа од „бескорисните старци како Бајден“. Тој, исто така, кажа дека Бајден е „сенилен“ и „подготвен да започне војна со Русија“.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денсака изјави дека следниот пат кога Бајден ќе ја употреби фразата „луд кучкин син“, треба да запомни дека Американците ја поврзуваат фразата со неговиот потомок, Хантер Бајден. сд/
фото:МИА архива