• среда, 04 декември 2024

Крајната десница во Франција ќе го поддржи предлогот за недоверба на Владата оваа недела

Крајната десница во Франција ќе го поддржи предлогот за недоверба на Владата оваа недела

Париз, 2 декември 2024 (МИА) - Крајната десница во Франција оваа недела ќе гласа за предлогот за недоверба на десноцентристичката малцинска влада на Мишел Барние, освен ако не се случи „чудо во последен момент“, изјави денеска претседателот на Националното собрание, Жордан Бардела.

Претседателката на парламентарната група на „Национален собир“ во Националното собрание, Марин Ле Пен, му даде рок до денеска на Барние да ги исполни барањата на нејзината партија поврзани со буџетот. Таа се закани дека, доколку тоа не се случи, крајнодесничарската партија ќе гласа за предлогот за недоверба на владата, што би резултирало со нејзино соборување. „Национален собир“ е најголемата самостојна парламентарна сила во Долниот дом на францускиот парламент.

Доколку левицата и „Национален собир“ ги здружат гласовите, владата ќе падне, посочуваат француските медиуми. Ова би било првпат од 1962 година, кога падна владата на Жорж Помпиду. Доколку предлогот за недоверба успее, владата на Барние ќе стане најкраткотрајната во историјата на Петтата француска република.

Денеска во 15:00 часот, францускиот парламент треба да гласа за конечниот буџет за социјално осигурување, постигнат преку компромис меѓу сенатори и пратеници. Во недостиг на мнозинство, се очекува владата да објави дека ќе се повика на член од Уставот кој дозволува усвојување на текстот без гласање.

Ова ќе ја подготви основата за гласање на предлогот за недоверба, кој може да се одржи во среда или четврток.

„Национален собир“ ги принуди властите да се откажат од зголемување на даноците за електрична енергија и да ги намалат државните медицински субвенции за мигрантите без документи. Партијата, исто така, бара дополнителни отстапки, како повторно пресметување на пензиите и укинување на намалувањето на надоместокот за некои лекови.

Меѓутоа, министерот за буџет, Лоран Сен-Мартен, вчера изјави дека владата не планира повеќе отстапки, потсети Бардела денеска.

Портпаролката на француската влада, Мод Брјожон, изјави дека е „многу загрижена“ за можниот исход од гласањето на предлогот за недоверба. Таа за телевизијата „C News“ истакна дека е во интерес на Франција да има буџет и да не се соочи со финансиски и економски хаос.

Франција се соочува со сериозна финансиска и економска ситуација поради ризикот од блокада на буџетот во парламентот, изјави денеска директорот на Француската служба за јавен надзор, Пјер Московиси, за телевизијата „France 2“. „Нашата финансиска ситуација е опасна“, нагласи тој. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан