Красниќи: Сè што е ветено денеска на седницата на косовската Влада ќе се направи подобро и побрзо со влада без Курти
- Претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Мемљи Красниќи, денеска, по повод одлуките на техничката Влада, изјави дека со нив не може да се постигне целта за купување гласови за вториот круг од изборите и за парламентарните избори.
Приштина, 31 октомври 2025 (МИА) – Претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Мемли Красниќи, денеска, по повод одлуките на техничката Влада, изјави дека со нив не може да се постигне целта за купување гласови за вториот круг од изборите и за парламентарните избори.
- Вреќа лаги од еден „Дедо Мраз“ кој никогаш не дојде за граѓаните на Косово, без разлика колку ветуваше секоја година во изминатите пет, не може да ја поврати изгубената доверба на граѓаните, ниту може да ја оствари целта за купување гласови и парламентарните избори, напиша Красниќи на Фејсбук.
Тој вети дека сè што е кажано денеска на седницата на техничката влада ќе биде направено подобро и побрзо со нова влада без движењето Самоопределување.
- Сè што беше кажано денеска на последната седница на оваа влада, а што не беше направено пет години по ред, ќе биде направено: Подобро, повеќе и побрзо – но со идна влада, без Албин Курти и без Самоопределување. Изборната измама не поминува. Матна вода не се пие двапати, напиша Красниќи.
Претседателот на Алијансата за иднината на Косово (АБК), Рамуш Харадинај, оцени дека денешното ветување за зголемување на минималната плата и додатоците за деца дошло предоцна и оти требало да се случи пред многу години.
- Предоцна, премалку. Срамно. Ова зголемување требаше да се случи пред многу години. На првиот состанок на нашата влада, основната пензија ќе биде 200 евра, додека минималната плата ќе биде 600 евра. Додатокот за сите деца до 16 години ќе биде значително зголемен. Мајките со две деца ќе добијат 100 евра, додека мајките со четири деца ќе добиваат 300 евра месечно, напиша тој на Фејсбук.
Владата во технички мандат соопшти дека минималната плата ќе се зголеми од сегашните 350 евра на 500 евра. Зголемувањето ќе се спроведе во две фази во текот на наредната година.
Исто така, почнувајќи од 1 ноември оваа година, минималната пензија ќе се зголеми од 120 на 150 евра, а додатокот за сите деца до 16 години ќе се зголеми за 50 отсто од 20 на 30 евра. јт/
Фото: МИА архива