Коцевски-Гир: Предизвик останува дигитализацијата и новиот систем за управување со предметите
- Забелешките од последниот извештај на Европската комисија и активностите кои веќе ги презема Јавното обвинителство за реализација на дадените препораки беа во фокусот на денешната средба помеѓу јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, Амбасадорот на Европска Унија, Дејвид Гир, и претставници на Делегацијата на ЕУ во земјава.
Скопје, 29 февруари 2024 (МИА) - Забелешките од последниот извештај на Европската комисија и активностите кои веќе ги презема Јавното обвинителство за реализација на дадените препораки беа во фокусот на денешната средба помеѓу јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, амбасадорот на Европска Унија, Дејвид Гир, и претставници на Делегацијата на ЕУ во земјава.
Како што информираат од Јавното обвинителство, на средбата обвинителот Коцевски ги презентирал тековните состојби во ЈО и приоритетите од програмата за неговиот шестгодишен мандат.
- Притоа, Коцевски го запозна Гир со напредокот во функционирањето на истражните центри, особено во Основното јавно обвинителство Скопје, јакнењето на капацитетите на обвинителството за водење финансиски истраги, воспоставената континуирана соработка со Државниот завод за ревизија, како и соработката со Европравда и со Европското јавно обвинителство, стои во соопштението од ЈО.
Обвинителот нагласил дека предизвик останува дигитализацијата и новиот систем за управување со предметите, за кој веќе се испитуваат можностите преку проектот „ЕУ-Владеење на правото“.
Евроамбасадорот Гир го истакнал како позитивен чекор и пракса која треба да се следи фактот што Коцевски презентирал пред пратениците сопствена програма за активностите кои има намера да ги анализира за време на мандатот како државен јавен обвинител.
Тој изразил разбирање за тешкотиите со недостиг на финансиски и кадровски ресурси со кои се соочува обвинителството и кои се нотирани во Извештајот на ЕК, со забелешка дека Унијата ќе продолжи да инсистира да се обезбедат сите неопходни услови за непречена работа на Јавното обвинителство.
Коцевски и Гир на средбата дискутирале и за ефектите од последните измени на Кривичниот законик, кои предизвикаа застарување на повеќе предмети.ар/лв/