• петок, 22 ноември 2024

Коха: Косовското МВР ја измени безбедносната мерка за увоз на стоки од Србија на граничниот премин Мердаре

Коха: Косовското МВР  ја измени безбедносната мерка за увоз на стоки од Србија на граничниот премин Мердаре

Приштина, 7 октомври 2024 (МИА) – Министерството за внатрешни работи на Косово ја изменило безбедносната мерка за производите кои влегуваат од Србија преку граничниот премин Мердаре, дознава приштинска Коха (koha.net) од свои извори во Владата.

Косово го забрани увозот од Србија по апсењето на тројца косовски полицајци од страна на српските сили на границата меѓу двете земји, тензиите на северот од земјата населен со српско мнозинство и сомневањата дека минатата година преку стоките нелегално се шверцувало оружје.

Безбедносната мерка потоа беше променета со дозволување увоз на суровини и полупроизводи потребни за финално производство.

Со новата одлука, која во понеделникот до надлежните институции ја пратил министерот за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, забраната за увоз на овие производи ќе биде заменета со „детална контрола“ за шлеперите кои влегуваат од Србија, пишува медиумот.

Како што пренесува МИА, измената на безбедносната мерка се однесува само на граничниот премин Мердаре, а останува во сила на другите гранични премини со Србија.

Германија неодамна, преку нејзиниот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, му се закани на Косово со неучество на самитот на Берлинскиот процес, што ќе се одржи на 14 октомври, доколку не ја укине забраната за увоз на стоки од Србија. Според Сарацин, оваа забрана ја блокира и работата на Централноевропскиот договор за слободна трговија, ЦЕФТА.иа/

Остани поврзан