• понеделник, 23 декември 2024

Костовски: Пратениците на СДСМ и Коалицијата ќе гласаат „за“ членот на ДИК на утрешната пленарна седница

Костовски: Пратениците на СДСМ и Коалицијата ќе гласаат „за“ членот на ДИК на утрешната пленарна седница

Скопје, 27 февруари 2024 (МИА) - Пратеникот на СДСМ и Коалицијата, Мартин Костовски на денешната прес-конференција информира дека нивната пратеничка група ќе гласа „за“ Абдуш Демири за нов член на Државната изборна комисија, кој е поддржан од партиите од албанската опозиција. Изборот на член на ДИК е на дневен ред на утрешната закажана 145. седница на Собранието како трета точка.

-Пратениците на СДСМ ќе направат се за да имаме квалитетен, демократски изборен процес, а тоа подразбира и комплетирање на сите членови на ДИК. Како што знаете имаме еден кандидат кој остана во игра и на утрешната седница ќе биде и точката за избор на член на ДИК, со што ќе има комплетирање на самата Комисијата. Соодносот ќе биде законски запазен, четири претставници од страна на власта и три од опозицијата. Се во интерес правиме како земја членка на НАТО, како земја која ги отвори преговорите со ЕУ, да докажеме пред самите себе а и пред меѓународната јавност дека сме спремни да организираме квалитетни и фер избори, рече Костовски.

На новинарско прашање дали ќе ги поддржат измените на Законот за патни исправи предложени од ВМРО-ДПМНЕ, Костовски одговори дека „пратениците на СДСМ нема да го поддржат сето она што е во спротивност со државата и со меѓународните договори“.

-Тоа е невиден политички памфлет. Тоа е невиден волунтаризам од страна на ВМРО-ДПМНЕ и замајување на јавноста токму како што се однесуваат сите овие четири години. Тоа значи дека со вака предложен закон, ние имаме конфликт со Преспанскиот договор, имаме конфликти со непочитување на Уставот односно членот 118 од Уставот. Ако сакаме да најдеме решение, ајде да зборуваме како да направиме подобро да работи Панче Тошковски, како подобро да ги унапреди службите и да се надминат реално проблемите. Пратениците на СДСМ како луѓе кои ги почитуваат правните прописи на државата, нема да поддржат сето она што е во спротивност со државата и со меѓународните договори, рече тој.

Во однос на барањето на Демократската унија за интеграција пресседателот на државата да се избира во Собрание, Костовски нагласи дека ставот на СДСМ е дека претседателот на Републиката да се избира на непосредни демократски исбори од страна на граѓаните.

-СДСМ секогаш е за разлики, меѓутоа никогаш не почитуваме и не браниме уцена. СДСМ е конзистентен во својот став -дека претседателот на државата мора да се бира на демократски непосредни избори од страна на граѓаните. Ова беше барање на ДУИ и во 2019 година. За тоа и сме сведоци. Меѓутоа ДУИ и тогаш и сега е во коалиција со СДСМ и навистина делиме некои европски вредности. Меѓутоа, секоја партија има свој став по одредено прашање. Ставот на СДСМ е дека претседателот на Републиката да се избира на непосредни демократски исбори од страна на граѓаните, истакна пратеникот Костовски. фф/нд/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан