• недела, 22 декември 2024

Костадиновски на Регионална конференција: Уставниот суд бескомпромисно ќе ја поддржува слободата на изразување

Костадиновски на Регионална конференција: Уставниот суд бескомпромисно ќе ја поддржува слободата на изразување

Скопје, 20 септември 2024 

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска беше говорник на регионална конференција во Маврово во рамки на проектот „Зајакнување на владеењето на правото преку медиумска слобода", во организација на Здружението на новинарите во Македонија и во соработка со организациите Free Press Unlimited и Netherlands Helsinki Comitte.

Костадиновски се обрати на темата за слободата на изарзување низ призма на уставно-правните механизми за заштита, праксата на Уставниот суд и начинот на којшто се водат овие постапки во Судот.

Во прилог, целосно обраќање на претседателот Костадиновски пред присутните:

Добар ден на сите и ви благодарам за можноста да се обратам пред вас на тема исклучително значајна за слободата, за демократијата!

Почитувани,

Неодамна на прашање од новинар дали ќе успее Судот мудро да избалансира без да ги наруши политичко-етничките односи во државата како и можните безбедносни предизвици (алудирајќи на постапките за два предмети од висок јавен интерес), истакнав дека нашата држава и сите ние во овој момент, после долги години транзиција и реформи, се наоѓаме на раскрсница. Се наоѓаме пред одлука за својата иднина, односно како да ја креираме нашата сегашност и иднина. Прашањето што јас го поставив беше дали како општество сме подготвени и зрели да се соочиме и со одлуки на Судот, кои секако се од висок јавен интерес? Односно дали сме стабилна демократија, и дали е неопходно и нужно да го направиме исчекорот и преминот во зрела демократија? 

Мојот став, и тогаш и денес пред вас, е дека не само што е неопходно и нужно, туку веќе е крајно време да го направиме тој исчекор кон зрела демократија. Нашата демократијата е стабилна, но сè уште не е зрела. Зрелата демократија подразбира високо ниво на уставна и политичка култура, силно почитување на владеењето на правото, стабилни независни институции, институции кои го издржале тестот на времето и можат ефикасно да се справат со предизвици како политички кризи, економски, здравствени и какви било падови, длабоко вкоренети демократски норми кои ги почитуваат основните слободи и права на граѓаните. Таа, подразбира исклучително важна и одговорна функција на медиумите, подразбира слобода на изразување. 

Зошто го почнав моето обраѓање вака? Едноставен е одговорот, тој нужен исчекор ќе биде невозможен без повеќе компоненти од кои две ги сметам за клучни. Првата е реформата на менталниот код, преструктуирање во системот на вредности. Предолго гледаме уставни, законски, подзаконски реформи во разни области, а состојбата е само полоша и полоша, што упатува на овој неспорен факт, на неопходноста од реформа на менталната свест која започнува од секој поедеинец посебно, секоја фела посебно, секоја институција посебно, и на сите заедно. 

Ова се однесува и на новинарите, и на политичарите, на судиите, на секој еден од нас. Втората е токму она што е и наслов на оваа конференција, посилни заедно, новинарите и судството во одбрана на слободата на медиумите, слободата на изразувањето. Станува збор за меѓусебно условени и меѓусебно зависни компоненти. Ниедна од нив одвоено, сама по себе не може да не придвижи кон посакуваната цел. 

Затоа сум денес со вас, да ги поздравам вашите напори и ангажмани, да ја нагласам исклучителната важност на вашата мисија која за мене претставува претпоставка за премин во зрела демократија. Тука сум да ви кажам дека во мене и во Уставниот суд имате силен поддржувач и институција спремна да ја заштитува слободата на изразувањето како право што ужива непосредна уставно-судска заштита.


Почитувани, 

Дозволете ми накратко да се осврнам на слободата на медиумите и слободата на изразувањето низ призмата на уставното судство и досегашната уставна практика.

Нема да зборувам за важноста на слободата на изразувањето како едно од основните човекови права кое претставува темел на демократското општество и e основна претпоставка за уживање на многу други слободи и права на човекот, тоа на сите ни е јасно. 

Во Уставот на Република Северна Македонија слободата на изразувањето е гарантирана со член 16 од Уставот, според кој се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета.

Уставната одредба од член 16 ја гарантира слободата на изразувањето, но истата не содржи ограничувања на ова право, како што е случај со одредбата од член 10 став 2 од ЕКЧП или пак во член 19 став 3 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Оттука, и за ограничувањето на ова право важи општата одредба од член 54 од Уставот, според која слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, односно само за време на воена или вонредна состојба, и ограничувањето не може да биде дискриминаторско односно ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува, меѓу останатото, и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповедта.

Во врска со ограничувањето на слободата на изразувањето, Уставниот суд во Одлуката У.бр.50/1998 од 8 април 1998 година, укажал дека „и покрај високото ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Македонија, таа не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот правниот поредок мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите, односно содржински да го ограничи нивното важење.... Битно е дека, со оглед на тоа што основните слободи и права се утврдуваат со Устав, и основот за нивното ограничување мора да се наоѓа во Уставот. Еден од начините на ограничување е упатувањето со закон да се уреди остварувањето на некоја слобода или право. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во со закон санционираните дејствија, без оглед дали се работи за кривична или граѓанско-правна санкција. Оттука, уставниот спор дали постои повреда на слободата на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација, се сведува на уставно-правна оцена дали со ваквата санкција е повредена самата содржина на уставно гарантираната слобода на поединецот без никакво ограничување јавно да го искаже своето мислење, или, пак, е санкционирано дејствие кое, иако како свој појавен облик го има јавното искажување на мислење, всушност ја изгубило смислата на слобода на мислење и јавно искажување на мислата кое што Уставот ја гарантира и заштитува, преминувајќи во дејствие со кое се повредуваат други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси“. 

И ова е исклучително значаен и авторитетен став, поради што и јас често во расправите пред Судот потенцирам дека „најголем непријател на слободата е неограничената слобода”

Гаранциите на слободата на изразување особено се значајни за медиумите, бидејќи преку нив информациите значајни за јавноста, за политичките и општествените прашања и настани доаѓаат до граѓаните. Преку дејноста на медиумите практично се остварува слободата на изразувањето и таа станува реалност. Поради тоа медиумите и новинарите имаат значајна улога која Европскиот суд постојано ја истакнува укажувајќи дека „Слободата на медиумите ѝ дава на јавноста најдобро средство за откривање и формирање на мислење за идеите и ставовите на нивните политички лидери, особено таа им дава на политичарите можност да коментираат за ставовите на јавното мислење, со што на секого му се дава можност да учествува во слободната политичка дебата што лежи во самата суштина на  концептот на демократското општество“.

Уставниот суд во 2023 и 2024 година донесе неколку значајни одлуки со кои ја афирмираше улогата на медиумите и новинарите во демократското општество. Со Одлуката У.бр.146/2021 од 2023 година и Одлуката У.бр.11/2023 од 2024 година, Уставниот суд утврди повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на новинарите Влатко Стојановски и  Душица Мрѓа. Во наведените одлуки Судот укажа дека „Слободата на медиумите како составен дел на слободата на изразувањето што, меѓу другото, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободата на примање и пренесување на информации, исто така, претставуваат основи на демократското општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење за секое општество. Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес без ограничувања со цел да ја информираат јавноста“. Судот констатираше дека новинарите биле оневозможени да ги изразат своите мислења и идеи без страв, на начин што од страна на државата е пропуштено да ја исполни својата позитивна обврска, да ги заштити новинарите и да им овозможи да ја информираат јавноста за настаните во Собранието, со што е сторена повреда на правото на јавно изразување. 

Во контекст на заштита на новинарите за настаните од 27 април 2017 година, значајна е и Одлуката У.бр.26.2023 од 7 февруари 2024 година, со која Судот констатираше повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на барателот Горан Трпеноски, новинар вработен во дигиталната редакција sdk.mk  Оваа одлука е значајна по тоа што за прв пат Уставниот суд се произнесе во однос на статусот на дигиталните медиуми изразувајќи став дека објавувањето на вести и коментари на интернет-портал, е исто така, новинарска активност, така што гаранциите за слободата на изразувањето и обврските на државата да овозможи заштита на безбедноста на новинарите при известувањето, се однесуваат подеднакво за сите новинари. Судот утврди дека редовните судови направиле пропуст со тоа што подносителот не го третирале како новинар и му го одбиле тужбеното барање. Со оваа одлука Уставниот суд даде јасна насока до редовните судови.

Мене лично многу ми е жал што во наведените предмети Судот не се охрабри и да ги поништи одлуките на редовните судови со кои биле сторени повредите, но тоа е сосема друга тема!

Но, она што е значајно за вас, за мене е фактот што во последниве години Уставниот суд преку својата судска практика ја афирмира слободата на изразувањето, ѝ дава суштина во облиците во кои се манифестира, ѝ дава уставно-судска заштита. Уставниот суд ја потврдува важната улога на медиумите за развојот на демократското општество што создава не само негативна обврска за државата да се воздржува од мешање во медиумските права и слободи, туку  создава и позитивна обврска за државата да овозможи демократски амбиент во кој различните мислења ќе може да се изразуваат без страв и без закани и притисоци. 

Ќе завршам со неспорниот факт дека слободата на изразувањето не е само индивидуално право, таа е претпоставка и предуслов за демократијата, а на преминот кон зрела демократија исклучително важно е заедно да бидеме посилни, вие да се борите за своите права, да бидете гласни кога истите се повредени, а ние, Уставниот суд, редовните судови да ги препознаеме и санкционираме таквите повреди. 

 

Уставен суд

______________________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан