• петок, 22 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: „Форумот на словенските култури“ е силен поддржувач на музејската дејност

Костадиновска-Стојчевска: „Форумот на словенските култури“ е силен поддржувач на музејската дејност

Скопје, 30 ноември 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска остварила средба со директорката на Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, Андреа Рихтер, која е и претседател на Европската музејска академија, на која биле истакнати улогата, значењето и активностите на Форумот чија цел е поврзување и претставување на културата на словенските народи во светот.  

Според Костадиновска-Стојчевска, музејската дејност, како една од севкупните области на дејствување во културата, е од особено значење за афирмацијата и промоцијата на култура и културното наследство, за едукација на граѓаните, а особено на младите за културните богатства и особености на словенските народи. 

Како што информираат од Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска ја посетила и работилницата „Музеите кои значат – постојани музејски поставки и  работа со посетители“, која во организација и во соработка со „Форумот за словенски култури“ се одржува во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола.

-Министерството за култура дава целосна поддршка на организацијата на семинари и работилници на кои музејските работници и експерти ќе дискутираат на различни актуелни теми од областа на музеологијата, за создавање нов профил на музејската практика, соодветна на современото општество. Размената на искуства и добри практики ќе овозможи модернизација на постојните музејски поставки, систематско планирање на развојните активности, како и поврзување на музејските институции на меѓународно и на регионално ниво, рече министерката за култура.

Таа посочила дека активностите на Форумот, како и денешната работилница, ќе бидат уште еден поттик за збогатување на програмските содржини во музејските институции давајќи придонес во афирмацијата на културното наследство што го поседуваат словенските земји. 

Министерката Костадиновска-Стојчевска потенцирала дека Северна Македонија и во иднина ќе продолжи со активна партиципација во Форумот, со цел да реализира што поголем број проекти со кои ќе се создаваат високи културни вредности, користејќи ја притоа културната  сличност и  различност како основен развоен контекст. фф/дма/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан