• сабота, 27 јули 2024

Костадиновска-Стојчевска: Во институциите од областа на културата во Штип се инвестира со над 78 милиони денари

Костадиновска-Стојчевска: Во институциите од областа на културата во Штип се инвестира со над 78 милиони денари

Штип, 6 декември 2023 (МИА) - Министерството за култура во институциите од областа на културата во Штип инвестира со над 78 милиони денари, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која денеска ги посети штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“, Завод и музеј како и Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“. Таа информираше дека за програмските содржини во овие институции вложени се над осум милиони денари.

За штипската библиотека, како што рече, издвоени се над 18 милиони денари, од кои еден милион денари за програмски активности.

-Штипската библиотека е предводник на приближувањето на книгата до домот на секој корисник преку подвижната библиотека „Инфо бус“ и преку активностите наменети за лицата со посебни потреби. Библиотечната дејност успешно се унапредува преку бројни проекти меѓу кои и настаните со кои се одбележуваат 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека над шест милиони денари се вложени и во штипскиот Центар за култура. Реконструкција, обновување на санитариите, бојадисување на дел од внатрешноста и набавка на тонска и компјутерска опрема се дел од активностите кои ги презема министерството за помош на оваа установа.

-Центарот за култура преку проектот „Енергетски хаб“ покажа дека е вистински пример за успешно јавно приватно партнерство. Резултатите се помали сметки за струја, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека се вложува и во заштита на културното наследство, а грижа се води за антифашистичкото културно наследство.

-Ветивме и го саниравме меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата во Штип, исклучително значајно дело на архитектор Богдан Богдановиќ, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура при денешната посета на Штип посочи дека сите проекти кои се предвидени во трите национални установи во Штип се реалзираат тековно, а од огромно значење е реалзирањето на проекти и од сопствени средства.вдј/бт/

Фото: МИА

 

Остани поврзан