• среда, 23 октомври 2024

Косово од почетокот на годинава го напуштиле 96 лекари, 167 во 2023-та

Косово од почетокот на годинава го напуштиле 96 лекари, 167 во 2023-та

Приштина, 21 октомври 2024 (МИА) – Лекарската комора на Косово вели дека од почетокот на годинава до крајот на септември државата ја напуштиле 96 лекари, додека за цела 2023 година оваа бројка изнесува 164, јави дописникот на МИА од Приштина.

Претседателот на Лекарската комора на Косово, Плеурат Сејдиу за порталот „Газета експрес“ изјави дека регрутирањето лекари од Косово за да бараат подобри работни места и услови во различни земји во светот „останува предизвик за институциите во земјата, бидејќи нивното заминување се одрази на недостигот на кадар во здравствените установи во Косово“.

„Овој тренд продолжи и оваа година и бројките се загрижувачки. Од јануари годинава до денес има 96 лекари кои го добиле документот за „професионален статус“ ("good standing"), додека лани истиот документ го добиле 167 лекари“, вели Сејдиу.

Министерот за здравство Арбен Витија во февруари годинава, при отчет пред Комисијата за здравство во Собранието на Косово, на прашање на пратениците дали има стратегија за запирање на оваа појава, рече дека со овој проблем се соочуваат и западните земји и изрази загриженост дека напуштањето на државата од страна на медицинските професионалци ќе продолжи.

„Во Универзитетскиот клинички центар на Косово (ЌКУК) се прават радикални трансформации во многу од клиниките кои треба да се инвестираат долги години по ред... но едно нешто што забележав е дека оваа миграција е неизбежна, продолжува и во другите земји од Западен Балкан, но и во земји како Германија, од каде што бегаат во Швајцарија, а тоа е феномен што и покрај сите мерки што ги презедовме за подобрување на платите, надоместоците, условите, опремата, се плашам дека ќе продолжи. Идејата е дека треба да правиме планови и врз основа на оваа насока“, рече министерот Витиа.

Според коморите на здравствени работници, Косово има 24 илјади и 92 лиценцирани здравствени работници, од кои 14 илјади 966 се жени и 9 илјади 126 мажи, пишува „Газета експрес“. иа/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан