• недела, 30 јуни 2024

Концерт на познатиот „Хрватски гитарски квартет“ во Скопје

Концерт на познатиот „Хрватски гитарски квартет“ во Скопје

Скопје, 20 мај 2024 (МИА) - Во организација на платформата „За тебе“ за првпат на 28 мај, во Скопје ќе гостува „Хрватски гитарски квартет“ во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.

Новооформената платформа „За тебе“, како што наведуваат организаторите, се залага во континуитет да промовира атрактивна, пред се, музичка културна содржина и меѓународни гостувања на светски и регионални докажани музички артисти.

Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста. Недвојбено, жената како гласот на мудроста, одмереноста, грациозноста, нежноста, стаменоста, храброста и истрајноста - жената како борец, хероина против неправдата, која исправено стои, борејќи се за социјални и општествени промени.

На програмата ќе бидат изведени дела од: Луиџи Бокерини, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Рафет Руди, Мирослав Милетиќ, Гордан Тудор, Сергеј Прокофјев и Зоран Јураниќ.

Гитарската четворка Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ го одржале својот прв заеднички концерт во 2016 година и оттогаш имаат отсвирено бројни турнеи низ Хрватска, Италија, Словенија, Чешка... вклучително и неколку премиерни изведби на дела од композитори како Викторија Чоп, Гордан Тудор и Зоран Јураниќ, како и настапи со Загрепските солисти и Вараждинскиот камерен оркестар.

Ја добија наградата „Орландо“ на Хрватската радио-телевизија за нивниот концерт на фестивалот „Дубровничко лето“ во 2017 година. Од 2020 година, овој ансамбл настапува под името „Хрватски гитарски квартет“ и истата година го објавија албумот „Guitarrismo“ за „Кроација рекордс“, кој доби две номинации за „Порин“.

Во 2022 година, објавија албум под името „Багатели за домашна употреба“ („Кантус“). „Хрватски гитарски квартет“ изведува дела од сите музички епохи, со посебен акцент на делата на хрватските композитори.

Концертното гостување се реализира со поддршка на „Смаргд 1969“, „Мерлин солушн“, „Гигабел“ и Why агенција.

„Хрватски гитарски квартет“ ќе настапи на 28 мај во 20.30 часот на големата сцена во Филхармонијата. вг/

Фото:  „Хрватски гитарски квартет“ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан