• недела, 22 декември 2024

Конференција: Професионален развој на наставниците за подобрување на квалитетот на образованието

Конференција: Професионален развој на наставниците за подобрување на  квалитетот на образованието

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) - Со завршна конференција денеска беше одбележан крајот на ИПА-проектот „Подобрување на квалитетот на образованието“ на ЕУ посветен на професионалниот развој на наставниците.

Конференцијата со воведно обраќање ја отвори министерката за образование Весна Јаневска која нагласи дека наставниците се клучната алка во воспитно-образовниот процес и дека е од исклучителна важност е тие постојано да ги надградуваат своите вештини за предавање и пренесување на знаењата кон учениците.

- Важно е да бидат подготвени за прифаќање и примена на иновации во наставата, особено иновации од областа на информатичко-комуникациските технологии, со што ќе ги зајакнуваат и дигиталните вештини на учениците. Важно е и да знаат кој е најдобриот пристап и начин за работа со ученици со попреченост. А овој проект, преку обуки им го овозможи токму тоа на над 9000 наставници, кои верувам ќе дадат дополнителна вредност на проектот, со пренесување на стекнатите знаења кон своите колеги, рече министерката за образование и наука.

Таа соопшти дека за следната година е во план најголем буџет а образованието досега, во износ од 40 милијарди денари, што, рече,  е за 10 милијарди повеќе од буџетот за оваа година.

-Промените во основното и средното образование се отпочнати со осовременување на наставните планови и програми заедно со наставниците и со учениците. Приоритет ќе биде и мотивацијата на наставниот кадар, за што платите од овој месец се зголемени за пет отсто, а во следните четири години ќе се зголемат за најмалку 46 проценти. Подготвивме инвестициски план за подобрување на инфраструктурните услови подеднакво во сите општини. Ќе ги унапредиме ученичките и студентските права, а подобри можности за работа и развој ќе добијат и научно-истражувачките работници, додаде Јаневска.

Таа и се заблагодари на ЕУ затоа што, како што рече, „останува наш најверен партнер во градењето подобро општество за сите граѓани и во ниту еден момент во минатото не ја остави нашата држава сама да се бори со предизвиците на развојниот пат“.

- Имаме уште многу заедничка работа. Плановите на Владата се големи и со ваква енергија и сплотеност сигурна сум дека ќе ги оствариме, рече Јаневска.

Стефан Худолин, претставник на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, во обраќањето по повод завршувањето на ИПА-проект истакна дека овој проект завршува но, рече, „не застануваме тука, туку продолжуваме со образовните реформи“. Како што рече, образованието е и ќе остане во фокусот на напорите на ЕУ за образовниот систем во земјата да се направи поотпорен и да реагира на надворешни ситуации.

- Образованието треба да обезбеди знаење, вештини и компетенции кои гарантираат успех во животот и на пазарот на трудот. Треба да обликуваме нешто за нашите деца да работат на работни места кои денес дури и не постојат. Тоа навистина е ни малку лесна задача со која сме соочени. Можеме само да се обидеме да го направиме најдоброто што можеме во тој поглед  и ако го постигнеме, тоа ќе биде рецепт за намалување на одливот на мозоци и луѓето да се задржат во земјата, својот потенцијал да го реализираат во земјата во која ќе имаат бројни веројатности за работа. Со тоа ќе придонесат за општеството и за економскиот развој, рече Худолин.

Посочи дека со овој проект е постигнат напредок во системот за професионален развој на наставниците кои, рече, се во сржта на образовниот систем и треба да имаат забрзан напредок со многу можности за усовршување. Но и покрај напредокот, рече, остануваат многу предизвици и се потребни системски трансформации на сите образовни нивоа – од предучилишната возраст до образованието на возрасни.

- Нивното вработување треба да биде транспарентно и врз основа на заслуги. Не смееме да бидеме во ситуација во која има голем број наставници, мал број ученици и лоши резултати на испитите. Тоа е неприфатливо и треба да се реши што побргу, рече Худолин. Повика и на подобрување на инфраструктурата за комуникација, додавајќи дека дигиталните алатки се голем сојузник на образованието, а исто така и да се промовира инклузивното образование. хс/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан