• недела, 22 декември 2024

Конференција на тема „Посилни заедно: Новинарите и правосудството ги штитат медиумските слободи“

Конференција на тема „Посилни заедно: Новинарите и правосудството ги штитат медиумските слободи“

Скопје, 20 септември 2024 

Обраќање на Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ на конференцијата „Stronger Together: Journalists and Judiciary Safeguarding”.

Со конференција „Stronger Together: Journalists and Judiciary Safeguarding” не очекуваме дека ќе ги решиме сите проблеми и дека нема да престанат да постојат недоразбирања помеѓу новинарите, судиите и обвинителите. Напротив, свесни сме дека тие ќе продолжат да постојат. Но, она што е најважно е да се слушаме меѓусебно, да ги сфатиме позициите и предизвиците на другите страни, затоа што на крајот сите работиме за истата цел – заштита на јавниот интерес и подобрување на животот на граѓаните.

Здружението на новинарите на Македонија, како коорганизатор на оваа значајна трета регионална конференција, заедно со новинарските здруженија од Србија и Босна и Херцеговина, со Free Press Unlimited, и Netherlands Helsinki Committee ја отвораме дебатата за клучните предизвици со кои се соочуваме заедно со судиите и обвинителите. Овие дискусии се клучни за зајакнување на меѓусебната комуникација и подобрување на разбирањето меѓу новинарите и претставниците на правосудниот систем.

Еден од најголемите предизвици кој го разгледуваме е борбата против SLAPP тужбите – тужби кои се злоупотребуваат за да се замолчат новинарите и да се ограничи слободата на медиумите.

Пример за ваков случај е неодамнешната кривична пријава поднесена од Владика на Македонската православна црква против новинар, нашиот колега Марјан Николовски, каде што се бара кривично гонење за ксенофобија, расизам и говор на омраза за јавно изразено мислење, за изречен збор во новинарски текст. Ова е скандалозен случај кој го гледаме како обид за цензура, притисок и заплашување на медиумите, од позиција на моќ. Очекуваме обвинителството да ја отфрли оваа кривична пријава, меѓу другото и поради тоа што владиката доколку смета дека е наклеветен може да тужи во граѓанска постапка, а  не на овој начин да се крие или да се обиде да го употреби системот на државата. Очекуваме обивнителството да ги следи принципите на слобода на изразување и прифаќање на јавната критика, согласно принципте на судот за човекови права во Стразбур.

За да ги демотивираме оние кои се обидуваат да им се закануваат на новинарите преку SLAPP тужби, може да преземеме три клучни чекори:

1.Правни реформи и санкции: Потребни се јасни правни механизми и реформи кои ќе ги санкционираат злоупотребувачите на судските системи со тужби што имаат цел да замолчат новинари.

2. Одговорност и доследно постапување од судиите и обвинителите: Очекуваме правосудството да ја следи европската практика и да носи одлуки кои се во согласност со правото на слобода на изразување. Токму судиите и обвинителите можат да играат клучна улога во спречување на ваквите злоупотреби со тоа што нема да дозволат овие случаи да преминат во инструмент за заплашување на новинарите.

3. Гласна јавна осуда и подигнување на свеста: Освен правните мерки, неопходна е и постојана јавна осуда на ваквата пракса. Граѓаните и граѓанските организации треба да бидат свесни за негативното влијание на SLAPP тужбите врз демократијата, со што ќе создадеме општествен притисок кој ќе ги демотивира оние кои од позиција на моќ сакаат да ги злоупотребат правните инструменти.

Втората тема е феноменот на дезинформации. Во оваа ера на масовни дигитални медиуми, дезинформациите имаат деструктивно влијание врз јавниот дискурс и транспарентноста во медиумската сопственост. Ќе се фокусираме на тоа како медиумите можат поефикасно да се справат со дезинформациите и како да се осигуриме дека јавноста има пристап до вистински, проверени информации.

Трето, сакаме да го истакнеме и проблемот со неказнивоста на напаѓачите врз новинарите. Ова е сериозен проблем кој не само што ги загрозува новинарите, туку и го поткопува целиот демократски процес. Потребни се конкретни мерки за да се осигура безбедноста на новинарите и да се обезбеди правдата за оние кои се нападнати додека ја вршат својата работа.

Со ова, уште еднаш ви благодарам за вниманието и очекуваме плодна соработка за подобрување на условите за работа на новинарите и правната заштита која ја заслужуваат.

 

Здружение на новинарите на Македонија

____________________________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

 

Остани поврзан