Конкурс за награди за новинари кои ги гледаат невидливите
- Станува збор за доделување на наградите за новинарство, односно за новинари кои работат на општествени теми поврзани со сиромаштија и социјална исклученост.

Скопје, 13 март 2025 (МИА) - Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) по осми пат го распиша конкурсот за доделување „Награди за новинари кои ги гледаат невидливите“.
Станува збор за доделување на наградите за новинарство, односно за новинари кои работат на општествени теми поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи. Она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија.
За учество, се испраќа новинарско дело што ги исполнува следните критериуми:
1. Новинарското дело треба да е објавено во периодот 20 март 2024 - 20 март 2025 година.
2. Објавата може да биде на радио, телевизија, печатен или онлајн медиум. Натаму, медиумот може да работи на национално, регионално или локално ниво. Дозволени се сите традиционални и нови формати на објави - вклучително и подкасти и фотографии/фоторепортажи.
3. Објавата мора да е поврзана со сиромаштијата или социјалната исклученост и да се однесува на ситуацијата и луѓето во земјава.
4. Еден новинар може да пријави само едно дело. Може да бидат пријавени повеќе дела од иста редакција, но од различни новинари.
Доделените награди, нема да бидат во пари и ќе имаат симболичен карактер. Краен рок за доставување на сториите е 1 април годинава.
За учество е потребна апликација што може да се пополни на овој линк, а сториите може да бидат испратени на е-адреса - во оргинален формат или само линкот на медиумот каде што се објавени, а на истата мејл-адреса може да се добијат и повеќе информации. си/бак/
Фото: Македонска платформа против сиромаштијата