• сабота, 23 март 2024

Комедијата „Чорба од канаринец“ на гостиварскиот театар премиерно во мај

Комедијата „Чорба од канаринец“ на гостиварскиот театар премиерно во мај

Гостивар, 27 март 2023 (МИА) – Гостиварски театар, најмладата театарска установа во земјава, по повод Светскиот ден на театарот најави нова претстава која би требало премиерно да се изведе кон крајот на мај оваа година.

Активностите за претстојната сезона и плановите во театарот беа претставени на прес-конференција, за кои зборуваше директорот Сулејман Рушити.

-Сметам дека нема подобар начин да се одбележи на Светскиот ден на театарот, а тоа да не биде најава за почеток на нов театарски проект. Денес го започнуваме со вториот проект за оваа година. Тоа претставата на македонски јазик, комедијата „Чорба од канаринец“, по што следува и работата на третата и четвртата претстава, рече директорот Рушити.

За темата во претставата зборуваше и режисерот Игор Ивковиќ, кој очекува премиерата да биде до крајот на мај. За оваа поставка тој ја нагласи интеракцијата со публиката која се очекува во текот на претставата.

-Темата на текстот бракот и дилемите кои се отвораат за и околу бракот. Имајќи ги предвид социјалните околности во кои живееме, со што се соочуваме, административните обврски, деца, живот на брзи заеми и какви предизвици носи заедничкиот живот. Стилот ќе води кон тоа да публиката не биде воајер, туку преку ликовите и една коментарна форма да биде дел од претставата, рече режисерот Ивковиќ.

Во оваа комедија „Чорба од канаринец“ по текстот на Милош Радовиќ, улогите ги добија актерите Ирена Илиевска и Марко Дојовски, сценографијата и костимите се на Бранкица Јордановска, а за музички соработник беше избран Миодраг Костиќ.

Директорот на гостиварски театар, претстави дел од програмата на институцијата напоменувајќи дека во има 11 вработени и привремено работа и се сместени во просториите на некогашното Радио Гостивар.

-Министерството за култура прифати одобри три театарски проекти и една претстава која е при крај со одобрување и делумно сме поддржани од општина Гостивар. Очекуваме позитивен одговор и за неа со што би ја заокружиле 2023 година со три претстави на албански јазик и по една на македонски и турски јазик. Со ова се надеваме дека ќе стигнеме поголема бројка на посетители на претставите, изјави Сулејман Рушити, директор на гостиварскиот театар и напомена дека годинава има можности да се реализираат вкупно пет претстави.

Во моментов театарот спроведува кампања „Подари карта, подари насмевка“ за да се привлече вниманието на публиката. Компании и бизнис секторот може да откупат билети и да ги подаруваат на клиенти и вработени. згм/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан