• вторник, 23 јули 2024

Ковачевски - Ју: Светска банка ја одобри новата Рамка за партнерство од 695 милиони долари, потврдени правилните владини политики 

Ковачевски - Ју: Светска банка ја одобри новата Рамка за партнерство од 695 милиони долари, потврдени правилните владини политики 

Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими денеска оствариле средба со директорката на Светска банка за Западен Балкан, Шиаочин Ју и директорот на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи.


 
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, се разговарало за новата Рамка за партнерство со Светска банка со која Република Северна Македонија во наредните четири години ќе има на располагање 695 милиони американски долари кои и се доделени и одобрени вчера од Бордот на извршни директори на оваа меѓународна финансиска институција.

На состанокот биле пренесени впечатоците на Бордот на извршни директори кои ги поздравиле постигнувањата и правилните политики на Владата на Република Северна Македонија и поширокиот макроменаџмент.
 
-Новата Рамка за партнерство е продолжение на континуираното партнерство и блиската соработка со оваа меѓународна финансиска институција кое трае 30 години. Резултат е на нашата посветеност и политиките што ги преземаме за просперитет на општеството, развој на процесите и развој на економијата. Новата Рамка за партнерство содржи приоритети кои се дизајнирани заедно со Светска банка во повеќе области и е насочена кон подобрување на достапноста и квалитетот на јавните услуги, подобрување окружувањето за отворање нови, подобро вреднувани работни места во приватниот сектор, како и зајакнување на отпорноста на климатските промени и намалување на јаглеродните емисии, истакнал премиерот Димитар Ковачевски на средбата со претставниците на Светска банка.

Премиерот Ковачески посочил дека досега, преку ова партнерство се поддржани проекти од 404 милиони американски долари и дека со новата Рамка таа поддршка се искачува на 1,1 милијарда американски долари. 
Во рамки на новото партнерство за остварување на трите цели, како што е наведено во соопштението, дизајнирани се проекти во повеќе области како што се транспортот, општинската инфраструктура, земјоделство, дигитализација, енергетика, здравство, образование, социјални услуги.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, на состанокот потенцирал дека Рамката за партнерство обезбедува континуитет во реализацијата на отпочнатите реформи за унапредување на човечкиот капитал и предвидува значајни износи за финансирање на реформи во областа на социјалната, образованието и здравството, кои водат до просперитет на општеството и забрзан економски раст.
 
Во соопштението е наведено дека Рамката се фокусира и на унапредување на бизнис опкружувањето и инфраструктурата, конкурентноста и модернизација на земјоделскиот сектор, како и енергетската транзиција.

На средбата било истакнато дека веќе се одобрени и првите заеми во рамки на новото партнерство, односно дека се одобрени 27,5 милиони евра за финансирање на Вториот проект за унапредување на социјалните услуги со кој се проширува пристапот и се подобрува квалитетот на социјалните услуги, вклучувајќи ги предучилишните услуги за ранливите групи.
 
-Одобрен е и заем од 31 милион евра за дополнително финансирање за Проектот за надградба и развој на патиштата, наменет за подобрување на транспортната поврзаност долж Коридорот 8 помеѓу Скопје и Деве Баир, се додава во соопштението.
 
Од Владата потсетуваат дека во декември Светска Банка како наш значаен и стратешки партнер, исто така,  одобри и заем за буџетска поддршка од 100 милиони долари за воведување политики околу трите столба и тоа поддршка на климатска транзиција на енергетскиот и финансискиот сектор, зацврстување на одржливоста на јавните финансии и Заштита на финансиската стабилност.

-Рамката за партнерство како потврда на нашите политики доаѓа по потврдата добиена од Меѓународниот монетарен фонд за правилниот курс и одржливоста на политиките при првиот преглед во рамки на Програмата за претпазливост и ликвидност, се посочува во соопштението. дма/са/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан