• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Северна Македонија е позитивен пример како низ дијалог се наоѓаат решенија за стабилност и просперитет

Ковачевски: Северна Македонија е позитивен пример како низ дијалог се наоѓаат решенија за стабилност и просперитет
Скопје, 6 февруари 2023 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска се сретнаа со амбасадорите на земјите од Квинта. Станува збор за амбасадорите на САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, кои присуствуваа на конференција за справување со антисемитизмот во регионот на ОБСЕ, како прва од серијата значајни конференции и состаноци што ќе се организираат за време на претседавањето на нашата држава со организацијата, соопштија од владината преса-служба.Ковачевски на состанокот изрази благодарност за соработката и ја потенцираше поддршката што во целост Владата ја дава за претседавањето на Северна Македонија со најголемата светска регионална безбедносна организација, истакнувајќи дека тоа за нашата држава е голема чест, но во исто време и голема одговорност.
Како што се наведува во соопштението, премиерот подвлече дека приоритет на претседавањето на Северна Македонија ќе биде хуманата безбедност, со акцент на ситуацијата во Украина, засилени теренски мисии, како и ставање фокус на луѓето и нивните потреби.Ковачевски ја изразил важноста за обезбедување поддршка за функционалност на институциите на ОБСЕ, бидејќи како што потенцираше организацијата има разни механизми и алатки за поддршка на мирот и безбедноста, како и спречување на нови конфликти. Како претседавачи со ОБСЕ, рекол премиерот, нашата земја е подготвена да обезбеди политичко раководство на организацијата стремејќи се да придонесе во процесите за поголема стабилност, кои се клучни за севкупната европска безбедност.Северна Македонија е отворена за конструктивни предлози за унапредување на улогата на ОБСЕ за време на нашето претседавање, истакнал премиерот Ковачевски.
Како што се посочува во соопштението, на состанокот заеднички беше констатирано дека борбата против корупцијата и промовирањето на доброто владеење треба да се на врвот на приоритетите со цел одржување на демократскиот и социо-економскиот раст. Што се однесува до внатрешно - политичката состојба во земјата, премиерот Ковачевски истакна дека следува период на поинтензивни консултации и дебати за уставните измени коишто следат, како услов за понатамошно напредување кон ЕУ. Премиерот Ковачевски на состанокот нагласи дека од голема важност за Северна Македoнија е поддршката на САД и ЕУ, за земјата да ги заврши потребните реформи во нејзиниот евроинтеграциски процес.Претседателот на Владата Ковачевски истакна дека од клучна важност за стабилност на целиот регион е што побрза интеграција во големото европско семејство, бидејќи државите се соочуваат со внатрешно-политички предизвици, социо-економска неизвесност како и со билатерални спорови.На состанокот беше заклучено дека во таа насока од голема важност е промовирање на човековата безбедност преку поддршка за одржлив економски раст и еколошка соработка, како и поддршка на основните човекови права, толеранцијата и недискриминацијата како предуслови за сеопфатна безбедност, се посочува во соопштението. ев/са/
 

Остани поврзан