• понеделник, 22 април 2024

Ковачевски: Проширувањето на ЕУ веќе се смета како заедничка потреба

Ковачевски: Проширувањето на ЕУ  веќе се смета како заедничка потреба

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) - Навистина во моментов постои отворена врата, како никогаш досега во овој геополитички момент постои волја и подготвеност од земјите членки на Европската унија за проширување бидејќи овој процес веќе не се смета како потреба на земјите кандидати, туку како заедничка потреба и цел и на земјите кандидати и на ЕУ бидејќи без Западен Балкан унијата не е комплетна во целост,  истакна премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференција по учеството на состанокот на Европската политичка заедница во Кишињев.

Проширувањето на ЕУ беше предмет на разговорите на работниот дел од состанокот, каде што, како што рече Ковачевски, уште еднаш беше искажана јасната подготвеност на ЕУ за отворена врата кон нови земји - членки за приклучување кон ЕУ.

-Тука, пред се, се мисли на нас и на Албанија коишто треба да ги отпочнеме отворањето на поглавјата по завршувањето на скрининг процесот. Исто така, беше уште еднаш искажана подготвеноста и поддршката за носењето на одлуките што треба да ги донесеме ние како наш дел од обврските во преговарачката рамка и беше искажана цврстата подготвеност на ЕУ и на Европскиот совет, претставувана преку претседателот Шарл Мишел дека и ЕУ ќе го исполни својот дел од преговарачката рамка, а тоа е безусловно отворање на вториот дел после скрининг процесот - поглавјата и кластерите, рече Ковачевски. 

Тој соопшти дека на средбите на Самитот добил пораки за поддршка на евроинтеграциите на државава, од претседателката на Европскиот Парламент Роберта Мецола, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шулц, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лејен. Ги истакна и средбите со украинскиот претседател Володимир Зеленски кој се заблагодарил на поддршката од државава на Украина, како и со молдавскиот колега Речан. 

Се разговарало и на темата Србија и Косово, каде сите премиери и претседатели од регионот истакнале дека сите земји од регионот треба да се придржуваат до потпишаните договори.

-Исто како што ние се придржуваме до Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство, Преговарачката рамка со ЕУ, беше истакнато дека и другите држави во регионот треба да се придржуваат до договорите и нивна имплементација, со што ќе имаме траен мир и успешна интеграција во ЕУ на сите земји во регионот. 

Сумирајќи го учеството на Самитот, премиерот рече дека Северна Македонија била оценета како позитивен пример од сите аспекти за кои се разговарало - енергетската транзиција, енергетската стабилност, одржувањето на цените коешто овозможи успешно справување со енергетската криза, успешно водење на билатералниот скрининг.

- Исто така и она што е пред нас, носењето на одлуките во Собранието што ќе обезбедат да ги отвориме поглавјата во текот на оваа и идната година и како што зададовме цел самите на себе до 20230 година да станеме членка на ЕУ, рече Ковачевски. 

На новинарско прашање за евроскептицизмот, посочи дека со колегите во Владата работи на остварување на целите на нашата држава. Темата на проширувањето, посочи, беше поставена од страна на премиерот на Албанија и од моја страна, имавме дискусија и со претседателот на Европскиот совет, со претседателот на Франција и таа подготвеност за проширување не доаѓа само од нас, туку и од јасните пораки кои ги испраќаат не само на вакви работни состаноци туку и низ јавните настапи што ги имаат, вклучително и на претседателката на Европската комисија, во нејзината изјава по состанокот што го имавме дека сега е моментот кога Северна Македонија треба да ги донссе одлуките и да продолжи кон интегрирањето во ЕУ, наведе Ковачевски. 

Тој потсети на вчерашното обраќање на претседателката на ЕК Фон дер Лајен и на францускиот претседател Емануел Макрон на Глобсек самитот во Братислава дека се работи за изнаоѓање на начини како државите што се во преговори со ЕУ да можат и пред влегување во ЕУ да ги користат бенефитите како да се членка. Во контекст на тоа ги наброја либерализираниот визен режим со ЕУ, како и договорот за намалување и укинување на роамингот меѓу земјите од ЕУ и Западен Балкан.

-Сега се разговара за секторско вклучување коешто би се направило врз основа на взаемна анализа помеѓу државите кандидати и ЕУ за тоа да може да биде на обостран бенефит. Тоа не е никава замнеа за зачленување во ЕУ, туку само отворање можности што ќе овозможат поголема мобилност на луѓето, поголема вклученост на нашите компани на европскиот пазар и користење на погодностите кои ги имаат државите членки на ЕУ, рече Ковачевски. 

При учеството на посебните работни групи на самитот заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на темата енергетика и поврзување ги споделиле нашите активности во изминатиот период, мерките за справување со енергетската криза и чекорите кои што ни донесоа енергетска диверзификација на државата.

-Еден од таквите чекори е Договорот за интерконекторот со Бугарија, со кој се зголеми постојниот капацитет на единствениот интерконектор кој што го имаме и со тоа овозможивме достапност освен на руски гас државата да може да има и на гас од САД, Алжир и Азербеџан, исто така беше навистина истакната Северна Македонија како позитивен пример на држава која што за само една година успеа да инсталира и стави во употреба над 200 мегавати обновливи извори на енергија инсталиран капацитет кој што е веќе во употреба, кој што се состоти од фотоволтаици, био гас, ветерни централи и тн, и дека успеавме увозната зависност од 35 проценти да ја намалиме за 50 проценти во текот на минатата година и во текот на оваа зима, наведе Ковачевски.

Разговарано  е детално и  за интерконекторот  во фаза на проектирање со Грција и оти ќе има можност и за транспорт на хидроген. - Една од целите која што ќе биде постигната во следниот период е и зголемување на производството на хидроген во часовите кога има вишоци на електрична енергија при зголемено производство на обновливи извори на енергија и сето тоа ќе биде правено заедно со нашите европски парнери и финансирано од страна на европските и на светските финансиски институции, најави премиерот Ковачевски.лв/ев/

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан