• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски не очекува струјата да поскапи за 90 отсто од граѓаните, ја повика ЕВН побргу да ги адаптира броилата за дневна евтина тарифа

Ковачевски не очекува струјата да поскапи за 90 отсто од граѓаните, ја повика ЕВН побргу да ги адаптира броилата за дневна евтина тарифа

Скопје, 1 декември 2023 (МИА) –  Во овој момент можам да кажам дека не очекувам зголемување на цената на електричната енергија, а финалниот збор, согласно законските надлежности го има Регулаторната комсија за енергетика, изјави попладнево премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за колку ќе поскапи струјата. 

Како што кажа и министерот за економија, рече Ковачевски, „не очекувам зголемување на цената на електричната енергија, особено за 90 проценти од граѓаните кои се во првиот и во вториот блок и кои трошат, би рекол, нормални количини на електрична енергија што му се потребни на едно домаќинство“. 

Цената на сметките за електрична енергија, посочи премиерот, не зависи само од електричната енергија која дистрибутерот ја обебедува од ЕСМ, туку и од други ценовни елементи. 

-А финалната цена на електричната енергија ја кажува Регулаторната комсија за енергетика, каде што се калкуриураат и маржите на секој од играчите на пазарот, на преносниот систем, на загубите итн, рече Ковачевски одговорајќи на новинарски прашања по средбата со претставници од здруженија на пензионери.  

Од денеска за над 170 илјади  домаќинства или за една третина од околу 700 илјади домаќинства во државава, кои имаат дигитални броила, почнува евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот. Останатите треба да почекаат да им бидат адаптирани броилата. 

Ковачевски го повика ЕВН, како дистрибутер на електрична енергија, да ја направи во најбрз рок замената на обични во дигитални броила и очекува тоа и да се случи поради стручноста на компанијата која, рече, успешно се справила и со енергетската криза минатата зима.

-Се надевам дека екипите на ЕВН ќе можат сетирањето да го направат во најбрз можен рок зашто се работи за нешто што мора дистрибутерот да го направи на терен. Тие имаат екипи, имаат знаење и стручност, се работи за реномирана австриска компанија и сметам дека тоа ќе го направат на задоволсвото на граѓаните, рече премиерот.

Нагласи  и дека воведувањето евтина дневна тарифа потврдува дека „дава резултати стратегијата на Владата за инсталирање на што повеќе обновливи извори на енергија“.

-Само во мандатот на мојата Влада, во државата се инсталирани 600 мегавати обновливи извори на енергија доминантно од сонце, која овозможува во текот на дневните часови, доминантно од 13 до 15 часот, да има електрична енергија којашто е поевтина од базната енергија која се произведува. Тоа овоможува сега да имаме евтина тарифа во текот на дневните часови која на граѓаните им заштедува над илјада денари месечно во нивниот буџет за сметките за струја. Упатувам апел и поттик до ЕВН побрзо да ја направат адаптацијата на броилата. Тие имаат знаење и стручност, се покажаа во време на најголемата енергетска криза во минатата зима како компанија дека можат да се носат со предизвиците и верувам дека тоа ќе го направат, истакна Ковачевски. хс/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан