• петок, 15 ноември 2024

Ковачевски: Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон за подобра и просперитетна држава

Ковачевски: Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон за подобра и просперитетна држава

Скопје, 4 мај 2024 (МИА) - Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон на земјата и да направи сè за Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на митингот на Коалицијата за европска иднина во Кичево.   
 
Ковачевски истакна дека денеска кога чествуваме 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и учител Гоце Делчев, важно е да се потсетиме дека низ историјата нашиот народ не се откажувал дури ни пред најтешките предизвици.

Посочи дека 8 Мај е нов историски крстопат, ден кога сите прогресивни и демократски сили во државата треба да одлучат државата одлучно да продолжи на патот кон Европската Унија.

- Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации, држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра, рече Ковачевски.  

Рече дека не смее да се повтори грешката од минатото кога медиумите биле заробени и се инвестирано во споменици наместо во инфраструктурни проекти. 

-Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ. Уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење на Македонија. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од ВМРО - ДПМНЕ, рече Ковачевски.

Лидерот на СДСМ пред граѓаните на Кичево најави повисоки плати и пензии, пакети за поддршка на учениците и студентите, одговорна социјална политика и борба против криминалот и корупцијата.

Ковачевски, се обрати и на вечерашниот митинг на СДСМ и коалицијата во Македонски Брод со порака до гласачите на 8 мај, да им испратиме јасна и гласна порака на сите ретроградни сили дека во земјава живеат прогресивни и умни луѓе, кои сонуваат за европска иднина за себе и своите деца.

-Да кажеме стоп за враќањето во кошмарното минато на поделби, тензии и конфликти, истакна Ковачевски.

Ова е, рече тој, само една од причините зошто на овие избори сите треба да гласаме ЗА, а не ПРОТИВ.

-Вие одлучувате кој пат ќе го фатиме. Јас знам дека голем број граѓани сè уште немаат одлучено дали воопшто да излезат на гласање и кому ќе го дадат својот глас. Знам и дека постои традиција на гласање ПРОТИВ власта. Но, сега се наоѓаме на историски крстопат. Ако не излезете да гласате, другите ќе одлучат во ваше име. Ако гласате ПРОТИВ, само за да казните некого, тоа може да има сериозни негативни последици кон иднината на Македонија, ги потсети граѓаните Ковачевски и ги повика во среда, масовно да излезат и да гласаат за европска иднина, стандарди и вредности и за држава во која ќе сакаат да останат нашите деца.

На овие избори, СДСМ, додаде тој, оди заедно со граѓаните кои веруваат во идејата, како што вели, за европска Македонија и кои се подготвени да се борат за таа иднина.

-Никогаш и по ниту една цена нема да дозволиме некој да ја уназадува државата. Никогаш и по ниту една цена нема да дозволиме некој да си игра со иднината на нашите деца. На 8 мај постои само една социјалдемократска опција, само една лева прогресивна опција која се вика СДСМ. Ве повикувам масовно да излезете на изборите на 8 мај и да гласате за нашиот Претседател, Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина“, апелираше Ковачевски, додавајќи дека на 8 мај, одлуката за иднината за нашите деца и внуци е во наши раце. бак/вг/

Фото: СДСМ

Остани поврзан