• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Мерките вредни 760 милиони евра за справување со кризата даваат резултат

Ковачевски: Мерките вредни 760 милиони евра за справување со кризата даваат резултат
Кочани, 23 ноември 2022 (МИА) - Продолжување на новата економска визија за европска Северна Македонија, за нејзино менување во просперитетна и стабилна земја, што ќе биде почитувана дома и во странство како идна членка на ЕУ, најави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на трибината „Силно и одлучно кон иднината“ што вечерва се одржа во Кочани. - Работевме ден и ноќ, со голема посветеност и макотрпна работа да направиме антикризен пакет да ја спасиме економијата, да го спасиме животниот стандард на граѓаните и бизнисите на компаниите. После десет месеци резултатот е видлив. Успешно реализиравме два пакета антикризни мерки, вредни 760 милиони евра, што се најголеми во целиот регион. Нашата економија беше под сериозен притисок од светската криза и неизвесноста беше огромна и во светот и не само кај нас. Само за нешто повеќе од еден месец се отворија неколку нови фабрики кои ќе вработат над 3.000 граѓани. Овде во Кочани, „Амфенол Технолоџи Македонија“ гради нова фабрика на 3.500 квадратни метри, каде ќе се вработат уште стотина луѓе од овој крај. Само во минатиот месец, октомври, само во ТИРЗ зоните се отворија 500 нови работни места со високи плати, истакна Ковачевски. Тој додаде дека со успешните економски мерки и политики на Владата се создава поволна клима за земјава да стане една од трите најатрактивни економии во светот. - Цените на храната почнаа да паѓаат, се намали цената на лебот, очекуваме да се намалат цените на брашното, месото, млекото и другите основни производи за 10 отсто во многу брзо време. Цената на електричната енергија за сите домаќинства ја субвенционираме со 80 отсто. Да не беше таа субвенција, 600 илјади домаќинства сега ќе плаќаа пет пати поголеми сметки за струја. Ја субвенционираме електричната енергија и за сите мали и средни претпријатија, 72 илјади компании во кои работат најголем дел од работниците во државата исто добиваат поевтина струја. Обезбедивме и топли училници во сите 500 училишта, преку фиксна и далеку пониска цена на струјата од онаа на берзата, а истото тоа го сторивме и со здравствените установи, додаде Ковачевски. На трибината во Кочани, претседателот на СДСМ нагласи дека е зголемена минималната плата за вработените, а со новата методологија, до март идната година пензиите ќе бидат зголемени за 16 отсто, што е најголем нивен пораст досега во државата. Исто така, тој најави и продолжување и унапредување на мерките за помош во земјоделството за да се одржи и зголеми домашното производство на храна. та/сп/

Остани поврзан