• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски и претседателот на ССМ Трендафилов разговарале за пресудата на Врховен суд со која објектот на ССМ премина во сопственост на државата

Ковачевски и претседателот на ССМ Трендафилов разговарале за пресудата на Врховен суд со која објектот на ССМ премина во сопственост на државата

Скопје, 29 јануари 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска имал средба со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов и со претседателството на синдикатите. На средбата, како што објави СДСМ, се разговарало за актуелните состојби во врска со пресудата на Врховен суд со која објектот на ССМ премина во сопственост на државата.

Ковачевски бил дециден дека е на страната на работниците, на страната на синдикатите и дека цврсто стои во одбрана на нивните интереси. 

-Заштитата на правата на работниците, почитувањето и вреднувањето на нивниот труд е столб на социјалдемократијата. СДСМ нема да дозволи урбанистичко дивеење или уништување на синдикалното движење, кое е основа на прогресивните процеси во државата. Никој да не си замислува дека ќе биде поинаку и ќе може да си поигрува со синдикатот. Да се тргнат рацете од ССМ, ќе помогнеме да се најде најдобро решение и нема да дозволиме такво нешто, рече Ковачевски, соопшти СДСМ.

Владата во рамки на своите ингеренции треба да најде начин за решавање на овој проблем, настанат по одлука на Врховниот суд, потенцираше Ковачевски. Владата предводена од СДСМ, во изминатите години и покрај сите предизвици, опстои на ветувањата за политики за подобар живот, повисок стандард на граѓаните, на работниците. За сето тоа говорат и фактите, двојно е зголемена минималната плата, од 8,000 денари во 2016 година на 21.000 денари во моментов. Следува ново покачување на минималната плата во март оваа година на 22.500 денари.
Владата на СДСМ еднаш засекогаш постигна одржливо решение заедно и со поддршка на Синдикатот. Дополнително, просечната плата  е над 630 евра, што е покачување за речиси 300 евра во однос на 2016 година. Платите ќе растат и во иднина, СДСМ останува посветена на економските политики кои значат повисок животен стандард и поголеми плати, се посочува во соопштението од СДСМ. ев/са/

ФОТО: СДСМ

Остани поврзан