• понеделник, 18 ноември 2024

Ковачевски: Скопје и Белград се без отворени прашања, за четири години направивме многу во духот на искреното добрососедство

Ковачевски: Скопје и Белград се без отворени прашања, за четири години направивме многу во духот на искреното добрососедство

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во интервју за српската телевизија Пинк ја потенцираше важноста на добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Србија, посочувајќи дека како држави алтернатива немаме освен интеграцијата на двете држави во ЕУ. Ковачевски истакна дека владите на двете земји во овие четири години направија многу повеќе од тоа што е направено во изминатите 30 години.

- Сѐ ова што го направивме е направено во последните четири години, а најмногу во последните две години откако е формирана иницијативата Отворен Балкан. Затоа велам дека сето ова е во насока на интеграцијата на регионот. Да не заборавиме како изгледаше Балканот пред 30 години, ова беше регион на војни, на ограничување на движења на луѓето, на конфликти. Денес ние имаме земји како Северна Македонија, Албанија, Црна Гора кои се членки на НАТО. Северна Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора се земји кои преговараат со ЕУ, рече премиерот Ковачевски.

Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Ковачевски нагласил дека Северна Македонија и Србија во моментов имаат најдобри односи, без отворени билатерални прашања. Последното отворено прашање беше регулирање на односите помеѓу МПЦ-ОА и СПЦ и минатата година тоа беше решено со признавањето и вклучувањето во канонско единство на МПЦ.

- Врз основа на тоа, се возобновија и чествување на празници како на пример во манастирот Прохор Пчински каде што е одржано првото заседание на АСНОМ. Сето тоа придонесува за зголемување, не само на пријателството, туку и на размената на туристи, бизниси меѓу државите. Еден податок говори за тоа што се случува кога политичарите имаат добар однос помеѓу себе. Бројот на српски туристи во Северна Македонија во 2021 година во однос на 2020 е зголемен за 250%, а во 2022 година во однос на 2021 е зголемен за 500%. Тоа е огромно зголемување на туристи. Верувам дека ако се направи анализа и во Србија, дека бројот на македонски туристи исто така е зголемен, истакна премиерот Ковачевски. сх/са/

Фото: Влада на РСМ

Остани поврзан