• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Граѓаните сакаат да живеат во ЕУ, но дома во нашата држава, потребни се храбри одлуки

Ковачевски: Граѓаните сакаат да живеат во ЕУ, но дома во нашата држава, потребни се храбри одлуки

Скопје, 28 март 2023 (МИА) – Приоритет во однос на Уставот е исполнување на нашата обврска од преговарачката рамка, која ја усвоија 27 земји-членки на Европската унија во делот на уставните амандмани за вклучување на други делови од народи кои живеат во Република Северна Македонија, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Приоритет се уставните измени со цел продолжување на европскиот пат на државата за што се определиле граѓаните. Ќе биде формирана комисија која ќе биде на високо стручно ниво и која ќе вклучува експерти, професори и практичари што ќе работат на овие уставни амандмани, кои ќе бидат ставени на јавна расправа. Во тој процес веројатно ќе се појават и идеи во однос на некои други делови од Уставот, каде треба да се направат унапредувања што повеќе се од процедурален карактер на функционирањето на одреден број на институции, прецизира Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на маркет во Скопје заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.

Граѓаните, како што кажа, сакаат да живеат во ЕУ, но дома во нашата држава и тоа е она што го бараат од нас политичарите да го направиме.

-Во комисијата се повикани да учествуваат и претставници на опозицијата, рече Ковачевски и додаде дека конечно опозицијата треба да учествува во барем еден процес во државата што е стратешки и од клучно значење.

Порача дека политичарите треба да бидат одлучни и да носат одлуки кои гледаат кон иднината и обезбедуваат подобра иднина за граѓаните како што го направија тоа кога ја донесоа одлуката што и овозможи земјава да влезе во НАТО што, потенцира, се покажа клучно по руската инвазија на Украина.

-Ние сме на прагот на довршување на патот за членство во ЕУ. Верувам дека со вистински и со храбри одлуки, а не со криење зад народот како што досега се криеше опозицијата во сите важни процеси за државата, дека тоа ќе го направиме до 2030 година и ќе станеме членка на ЕУ, потенцира Ковачевски.

Истакна дека е убеден дека и во ВМРО-ДПМНЕ има политичари кои имаат европска визија, храброст и одлучност да го поддржат европскиот пат на државата и да не ја повторат грешката од порано заради која државава 11 години чекаше влез во НАТО, токму заради неносење на важни одлуки. вј/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан