• понеделник, 23 декември 2024

Клуб на пратенички: Родовите прашања почнуваат од политичките партии

Клуб на пратенички: Родовите прашања почнуваат од политичките партии

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) - Членките на Клубот на пратенички во Собранието денеска присуствуваа на Презентација за родовата застапеност во изборите и политичките просеци во Северна Македонија: научени лекции и препораки за парламентарните избори во 2024 година, од страна на меѓународната консултантка за родови прашања, Флоренс Гану.

Како што информираат од собраниската прес-служба, презентацијата беше во организација на Меѓународната федерација за изборни системи (ИФЕС), а воведните забелешки и цели на Извештајот ги претстави Јоана Козма, директорка на ИФЕС во државата. Таа упатила благодарност за досегашната отворена комуникација со политичките партии и релевантните институции и граѓаните на локано ниво, во однос на изборните реформи.

Во своето поздравно обраќање претседателката на Клубот, Лолита Ристова, изрази благодарност до присутните и сите активни чинители во овој процес за зајакнување на учеството на жените во политиката.

-Родовата еднаквост е тема која се протега низ сите активности на проектот, со главна цел да се поттикне еднаква родова застапеност и учество во изборите и политичките просеци. Истражување на факторите кои го попречуваат значајниот ангажман на жените парламентарки во процесот на донесување одлуки, во внатрепартиските политички активности, како и со електоратот беа во фокус на истражувањето, посочи Гану на почетокот од Презентацијата.

Таа сподели дека изминатиот период биле спроведени 17 длабински интервјуа во период од 18 до 22 септември 2023 година, од каде произлегле 11 препораки за засегнатите страни, особено во пресрет на парламентарните избори во 2024 година.

-Политичките партии, како и други засегнати страни треба да размислат, покажат посветеност и политичка волја за следниве препораки, и тоа: Поголема буџетска контрола на женските секции со воведување на посебна буџетска линија; Воведување на внатрешни родови квоти; Измена на клучот за распределба на јавното финансирање за понатамошно изедначување на условите за учество помеѓу политичките партии; Изготвување на стратегии за вклучување со цел зголемување на нивото на прифатливост и регрутирање на жени кандидати во руралните и оддалечените/изолираните области; Воспоставување или зајакнување на постојните механизми за внатрешен мониторинг за истражување на родовото учество и родовата еднаквост; Воведување на пристапот на „патент систем“ или „вертикален паритет“ во кандидатските листи; Отстранување на сериозниот недостаток на жени во Владата и на високи номинирани позиции; Министерството за внатрешни работи и Обвинителството треба да ги утврдат причините за непреземањето мерки и да преземат решителни чекори за решавање на состојбата; Воздржување од негативни кампањски техники на партиите, нивно следење и санкционирање; Изработка на контрастратегија за ублажување на навредите и говорот на омраза на социјалните мрежи преку засилено користење на позитивни пораки за поддршка, од страна на политичарките; Да не се чекаат подобри норми и нивно подобро спроведување, организирање и дејствување веднаш, се 11 препораки за засегнатите страни.

По презентацијата биле разгледани препораките и се одржала дискусија. Пратеничките биле едногласни во однос на проблемите и следните предизвиците кои им претстојат во однос на овие прашања.

Генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова во своето излагање истакнала дека темава е многу важна, во еден исклучително важен момент за нас кога имаме сериозен застој на родовите прашања и ни се случува подем на антиродово движење во државата. Таа упатила апел да се надминат партиските разлики и обединување за овие два акта, а тоа се: Деловникот и Изборниот Законик.фф/аа/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан