• четврток, 19 декември 2024

Киро Урдин за МИА: Уметноста е пат во непознатото, а основата за се е љубовта

Киро Урдин за МИА: Уметноста е пат во непознатото, а основата за се е љубовта
Скопје, 30 април 2022 (МИА) - Уметноста треба да оди по својот пат, да се развива, да се измислуваат нови патишта, нови форми, но она што стана една деформација на светскиот дух и главна поента е профитот, интересот. Тука уметноста станува жртва благодарение на голем број уметици кои се соучесници на таа идеја, вели во интервју за МИА ликовниот уметник Киро Урдин. -Во светот денес постои голема манипулација. Зошто? Се употребуваат т.н. интелектуални термини, кои се неразбирливи, долги, во кои човек се губи во една непозната шума на зборови. И кога ќе застанете пред уметничкото дело гледате лажна магла. Гледате, а не гледате ништо. Уметникот вели „јас сакав да го кажам тоа“. Се разбира дека се е дозволено во уметноста, тоа е нејзината димензија, меѓутоа, сепак, мора да постои едно чувство. Уметникот не го созадава уметничкото дело за себе, туку тоа е порака кон општествата. Мора да има енергија внатре, не само празни зборови. Се разбира дека има работи кои се сублимативни во уметноста, во архитектурата, во сликарството, во филмот итн. Јас сум ок со тоа, јас сум исто современ уметник, но мора пред едно уметничко дело да се застане и да се каже „ах“, да испровоцира чувста. Значи основната работа за се е љубовта, а љубовта тоа е енергија, вели Урдин запрашан за коментар како гледа на современите текови во уметноста денес. За него вели најбитни се уметноста, љубовта, пријателството и вербата во луѓето. Прашан дали верува во капацитетот на уметноста да го спаси светот, како што на времето ќе рече големиот Достоевски, во кој и покрај напредок во науката, технологијата, достапноста на информации, на знаење, сведочиме на војни, глад, на анахрони идеологии, Урдин смета дека е неизбежно да се прифати појавата на роботот, вештачката интелигенција како своевиден врв на тој технолошки развој, но не е оптимист дека сите проблеми кои таквиот развој ги носи со себе, ќе се решат во интерес на човештвото. Најочигледниот пример за тоа, вели е Африка, каде лично сведочи на метаморфозата на aфриканскиот континент, бидејќи веќе 20 години работи документарни филмови за спас на планетата Земја. -Првиот филм кој го направив за Африка се вика „Оган и вода“ и пред 20 години го предвидов она што сега се случува. Земав една паралела меѓу две крајности, од една страна поплави и премногу дождови, од друга страна пожари. И еве сега после 20 години тоа се најактуелните теми. Јас тоа го работев по некакво чувство. Во мало, се гледа таа деструкција токму во Африка, затоа што тоа на некој начин беше еден празен континент, ретко населен, особено делот на субсахарска Африка, Египет и другите арапски земји. И сега таму се влезени компании од сите моќни држави. Купуваат земји, сечат шуми како во Амазонија што прават, ги ораат саваните, го пресекуваат земјиштето каде се животните. Исто како што човекот има потреба да има своја куќа, свој двор, свое земјиште, животните исто така, имаат право на своја територија. Човекот безмислосно ја зема територијата на животните. Измислиле една монструозна формула која се вика спортски лов. Одат да убијат едно прекрасно животно, носорог за неговиот рог. Одат со снајпер да убијат слон за да си ја комплетираат збирката на исчезнати животни на своите ѕидови. Значи од една страна човечкиот дух оди многу далеку, а од друга страна станува еден инженер на смртта, на смртта на планетата Земја, смета Урдин. Според него најважна е едукацијата, но како што нагласува, не за да се созадава богатство, туку да се хуманизира светот. -Има нешто многу смешно. Ние бараме сите друга планета на која ќе го пренесеме животот. Тоа е тотална глупост. Прва работа таква планета која има воздух, има се, но нема вегетација е Сахара. Таму можат да направат еден нов континент. И Гоби е планета еве ви простори, направете живот таму, направете експеримент. Значи науката треба да оди далеку за да се разбере земјата, животот, космосот, универзумот, кој по мое мислење не е само еден. Меѓутоа, за се во прашање е едукацијата, но не за да станеме богати туку хумани, да размислуваме исто толку со чувство за другите колку за самите себе. Да не сметаме дека ние треба секогаш да бидеме во прв план. Секој човек е битен, секое битие е битно, секој инсект е битен, тоа е екосистемот на животот. Треба да се има една глобална концепција за животот и повеќе скромност и искреност за да ја спасиме планетата Земја, нагласува академскиот уметник, кој зад себе има повеќе документарни филмови посветени на проблемот на заштита на планетата Земја, кои се наградени на повеќе престижни меѓународни фестивали низ светот. Во видео-интервјуто Урдин се осврнува и на неговата изложба неодамна поставена во галеријата „Црн пантер“, една од најстарите во Антверпен, каде се претстави пред уметничката публика со нови слики, работени во периодот на пандемијата, на затвореност на светот. Меѓу близу 150 дела централно место зазема платното со импозантни димензии 10х3 метри наречено „Табула раза“ (сликата „Планетариум“, по која е насловена и неговата уметничка филозофија „планетаризмот“, е со површина од 48 квадратни метри). -Мојот менталитет, мојот карактер е таков, кога ќе ми дојде некоја мисла во глава тргнувам по инстинкт и поитоа не се враќам, правам огромни глупости во мојот живот со огромни последици, но кога ќе тргнам нешто да правам не се враќам назад. Прво сакав да направам една слика 7х3 м, потоа, си реков зошто не 8 м и на крај зошто не 10 метри. И ја направив сликата 10х3 метри, 30 метри така што немаше повеќе простор да направам поголема. Сликата ја замислив како астероид затоа што сега сум во таа фаза на истражување на космосот, кој како се движи ги прима по магнетни бранови информациите од човечките цивилизации и ги трансформирав во слика на мој начин. Затоа што уметноста е пат во непознатото. Јас работам цел живот исклучиво само по чувство. Штом не ми предизвика некое чувство, не ме интересира. Значи не е добро. Може на други да им се допадне, но најважно е мене да ми се допадне, вели Урдин, кој со нему својствена страст и сензибилитет продолжува да твори повеќе од пет децении. Изложбата, како што вели, на негово големо изненадување, во доба на пандемија, во ладно време, во лош период, но со љубезност од галеристот изложбата да трае два месеца и 10 дена (а обично стандард на запад е до 20 дена), имала голема посетеност. -Не сум имал досега во живот толку многу посетители, некогаш и по 1500 на ден, што е исклучително. Има галерии каде дневно ќе дојдат по 5 - 10, 15 - 20 луѓе на ден. Работите не се објаснуваат, едноставно се случуваат. Некогаш добро, некогаш лошо, но тоа е реалноста на животот. Треба да се прифати таков каков е, струмичаните велат „на сила убавина не бидува“, вели Урдин. Неизбежно беше да стане збор и да го слушнеме неговиот став како уметник кој го крстари светот и е познавач на многу култури, и твори и живее на релација Македонија - Белгија, за актуелни теми од политиката кои ни го обременуваат секојдневието, како случајот со бугарското вето и условувањата кои задираат во идентитетот. -Никогаш не ми се случило она што се случува сега од нашите соседи, ниту да сакаат да ме асимилираат, ниту да ми го повредат македонското чувство, ниту да ми кажат биди тоа, биди ова, ние сме тоа, вие сте тоа. Тука се гледа тој врв на францускиот дух за разлика од нашите соседи, вели во интервју за МИА Киро Урдин прашан за коментар за билатералниот спор со Софија кој го попречува нашиот пат кон ЕУ. -Јас имам напишано еден афоризам „Македонија е вечна бидејќи е опкружена со бесмртни непријатели“. А тоа така ли треба да биде? Не сум видел таква опструкција во последно време што доаѓа од страна на Бугарија, затоа што наместо да направиме уште посилни мостови меѓу двата пријателски народа, актуелното политичко раководство на Бугарија прави се, безмилосно да се замразат бугарскиот и македонскиот народ. Тоа ли е целта, да се замразиме? Таа политика треба да се промени. Народот живее во една огромна опструкција наместо целата енергија што ја имаме да ја концетрираме да ги достигнеме тие вредности кои се присутни во западниот свет. Значи, една тотално погрешна политика. Бугарите велат ние сме Европејци. Какви Европејци, тоа ниту во првобитна заедница не постои таков манир на политички однос. И да постои треба да се смени. Треба да седнат и добро да размислат и да видат дека тоа не е така, вели Урдин. Повод за интервјуто со нашиот светски афирмиран уметник, е престижното одликување од Република Франција со ореден „Витез во редот на уметноста и книжевноста“ , кое порано, месецов му беше врачено од францускиот амбасадор во земјава. Има признанија и признанија, вели, Урдин, но зависи кое признание на кое ниво и од каде доаѓа и пред се, дали се заслужува. -Ова признание што ми го доделува Министерството за култура на Франција е големо изненадување за мене, затоа што јас никогаш не работам со цел да добијам нешто и да имам валоризација за тоа. Не, работам едноставно затоа што имам желба да работам, затоа што имам енергија за тоа, и затоа што имам во тој процес на работа една неизвесност што ќе направам. Така што тоа беше на мое големо изненадување, вели Урдин кој својата уметничка кариера ја почнува токму во Париз каде поминува 25 години и каде како што и самиот вели, ја поминува неговата втора младост. Виолета Геров Видео: Аслан Вишко Фото: Дарко Попов, фотографии од изложбата „Табула раза“ во галеријата „Црн пантер“ и од истоимениот документарец посветен на создавањето на ова платно.

Остани поврзан