• четврток, 26 март 2026

Кипарскиот Парламент го изгласа законот со кој жените имаат можност доброволно да служат војска

Кипарскиот Парламент го изгласа законот со кој жените имаат можност доброволно да служат војска

Никозија, 4 април 2025 (МИА) – Кипарските пратеници го изгласаа законот со кој жените ќе можат доброволно да се вклучат во војската, односно во т.н. Национална гарда на Кипар, а претседателот на земјата Никос Христодулидис истакна дека тоа е важен чекор и за зајакнување на родовата еднаквост и за зајакнување на одбраната, јави дописничката на МИА од Атина.

На средината на февруари предлог-законот беше одобрен на владина седница, а вчера со 32 гласа „за“ и 15 „воздржани“ беше изгласан во Парламентот.

Законот предвидува дека право на служење ќе имаат жените кои го завршиле средното училиште, a воениот рок ќе биде од шест до 14 месеци.

Кипарскиот претседател преку писмена изјава го поздрави изгласувањето на законот истакнувајќи ја важноста и за зајакнување на родовата еднаквост во Република Кипар и за зајакнување на одбраната на земјата, а паралелно истакна дека интензивно продолжуваат подготовките за првите жени во Националната гарда да бидат примени во летниот период.

Во однос на воениот рок за мажите, не постојат промени и е задолжителен за сите во траење од 14 месеци. ср/ссм/

Остани поврзан