Кинескиот министер за надворешни работи изјави дека Пекинг не може да прифати земји да дејствуваат како „светски судија“ во услови на апсењето на Мадуро
- Кина секогаш се спротивставува на употребата или заканата со употреба на сила, како и на наметнувањето на волјата на една земја врз друга, изјави министерот за надворешни работи на Кина, Ванг Ји, коментирајќи ја ситуацијата во Венецуела, пренесе Синхуа.
Пекинг, 5 јануари 2026 (МИА) – Кина секогаш се спротивставува на употребата или заканата со употреба на сила, како и на наметнувањето на волјата на една земја врз друга, изјави министерот за надворешни работи на Кина, Ванг Ји, коментирајќи ја ситуацијата во Венецуела, пренесе Синхуа.
Ванг, кој е и член на Политбирото на Централниот комитет на Кинеската комунистичка партија, ја даде оваа изјава за време на седмиот круг од стратешкиот дијалог меѓу министрите за надворешни работи на Кина и Пакистан со првиот дипломат и вицепремиер Мохамед Ишак Дар во Пекинг.
Ванг изјави дека актуелната меѓународна ситуација е понестабилна и меѓусебно поврзана, при што едностраниот притисок станува сè посериозен.
Ненадејната промена на ситуацијата во Венецуела привлече големо внимание од страна на меѓународната заедница, изјави Ванг.
- Никогаш не сме верувале дека некоја земја може да ја игра улогата на светски полицаец, ниту пак сме согласни дека некоја земја може самопрогласено да се постави како светски судија, изјави кинескиот министер за надворешни работи, додавајќи дека суверенитетот и безбедноста на сите земји треба целосно да бидат заштитени од меѓународното право. Тој се повика на „ненадејните настани во Венецуела“, но не ги спомена директно САД.
Ова се и првите коментари на Ванг откако американските власти објавија фотографии од 63-годишниот Николас Мадуро со покриени очи и лисици на рацете. Претседателот на Венецуела и неговата сопруга Силија Флорес беа уапсени и изведени од земјата по серија воздушни напади врз Каракас во саботата. Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Мадуро бил качен на американски воен брод и бил транспортиран во Њујорк.
Подоцна беше соопштено дека венецуелскиот лидер бил задржан во „Пиртворниот центар Метрополитен“ во Бруклин (Metropolitan Detention Center) – истото место каде што во минатото беше држан мексиканскиот наркобос Хоакин „Ел Чапо“ Гусман. Се очекува денеска Мадуро првпат да се појави пред суд.
Мадуро е обвинет од американскиот судски систем, меѓу другото, за „наркотероризам“ и увоз на кокаин во САД. Во обвинителниот акт се тврди дека Мадуро и негови наводни соучесници дејствувале во координација со криминални и вооружени групи, меѓу кои мексиканскиот картел „Синалоа“ (Sinaloa Cartel) и венецуелската транснационална организација „Трен де Арагуа“ (Tren de Aragua), кои САД ги означија како странски терористички организации. Доколку биде прогласен за виновен по сите обвиненија, Мадуро може да добие доживотна казна затвор согласно федералните насоки за изрекување казни. јт/
Фото: МИА архива