• четврток, 14 ноември 2024

Капек предлага вагон само за жени во берлинското метро

Капек предлага вагон само за жени во берлинското метро

Берлин, 13 ноември 2024 (МИА) – Пратеничката во германскиот Парламент од Зелените, Антје Капек предлага во берлинското метро да се воведат вагони само за жени, со цел да се гарантира нивната безбедност.

- Тоа навистина е одлична идеја, што ја позајмив од Токио, каде навечер се воведени специјални купеа за жени. Тие имаат заштитен простор што им овозможува да патуваат со подземните возови дури и во шпиц, без да бидат допирани или нападнати, наведе Капек.

Таа додаде дека метрото посебно навечер, кога е преполно, може да биде многу непријатно искуство за жените, бидејќи е зголемен бројот на напади врз жени во текот на ноќта.

Предлогот на Капек уследи откако пролетоска 33-годишен маж силуваше жена во метрото.

Берлинското претпријатие за јавен превоз (БВГ) изрази скептицизам за предлогот на Капек, истакнувајќи дека сегашните превентивни мерки се соодветни.

Вложуваме максимални напори за да обезбедиме сите патници да пристигнат безбедно на својата дестинација и со позитивно чувство. Секој што се чувствувал лошо или имал потреба од помош може на секоја метро станица да го контактира тимот на транспортниот оператор. Околу 250 лица од обезбедувањето деноноќно дежураат, бидејќи некои станици работат и ноќе, соопшти БВГ. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан