• четврток, 26 март 2026

Казните во Грција за профитерство на компаниите надминаа десет милиони евра од почетокот на годинава

Казните во Грција за профитерство на компаниите надминаа десет милиони евра од почетокот на годинава

Атина, 28 ноември 2023 (МИА) – Од почетокот на годинава, Министерството за развој на Грција изрекло казни од над десет милиони евра за компании кои го прекршиле законот за нелојална добивка и се парично казнети за профитерство, јави дописничката на МИА од Атина.

Од надлежното Министерство соопштија дека само во ноември биле извршени повеќе од 1.250 контроли и изречени парични казни од над 5,5 милиони евра, додека пак од почетокот на 2023 година имало над 20.600 контроли, а казните се во вкупна вредност од 10,3 милиони евра.

Последниот случај е објавен денеска, односно компанијата за кафе „Jacobs Douwe Egberts“ е казнета со еден милион евра поради прекршување на Законот за намалување на појавите на нелојална добивка.

Министерот за развој на Грција Костас Скрекас рече дека „битката во корист на грчките домаќинства продолжува“, но и дека никој нема право да профитира на сметка на граѓаните, особено во период на увезена инфлација.

- Грчката Влада е единствената во Европа која има и применува закон против нелојално профитерство. Постојаното присуство на контролните механизми на Министерството за развој на пазарот обезбедува почитување на законитоста, здрава конкуренција и, како што се докажува во пракса, намалување на цените на полиците во маркетите, рече Скрекас. ср/паг/

Остани поврзан