• понеделник, 25 ноември 2024

Казахстан одби да се приклучи на БРИКС, Русија веднаш го забрани увозот на овошје и зеленчук

Казахстан одби да се приклучи на БРИКС, Русија веднаш го забрани увозот на овошје и зеленчук

Москва, 18 октомври 2024 (МИА) - Руската агенција за безбедност на храна одби да даде дозвола за увоз на овошје и зеленчук од Казахстан, а аналитичарите велат дека вистинската причина е одбивањето на властите во земјата да се приклучат на БРИКС.

Иако агенцијата соопшти дека одлуката е донесена поради „одбивањето на релевантните власти од Казахстан да обезбедат фитосанитарна безбедност“, овој потег е направен само неколку дена откако властите во Астана одбија да се приклучат на БРИКС.

Инаку, Казахстан е најголемата економија во Централна Азија, а 11 отсто од вкупниот извоз на земјата се „трошат“ за испраќање стоки во Русија, која е нивни трет најголем надворешно трговски партнер.

Властите во Казахстан го испратија своето одбивање за членство во БРИКС неколку дена пред големиот самит на оваа организација, каде домаќин ќе биде Русија.

-Во моментов и најверојатно во догледна иднина, Казахстан ќе се воздржи од аплицирање за БРИКС, изјави портпаролот на казахстанскиот претседател, Берик Уали, во интервју за локалните медиуми во средата.

Уали додаде дека претседателот Касим-Жомарт Токаев постојано ја нагласувал својата поддршка за Обединетите нации како „универзална и незаменлива меѓународна организација“ и рече дека Советот за безбедност на ОН треба да се реформира за да ги земе предвид интересите на регионалните сили.

Одлуката на Казахстан е удар за рускиот претседател Владимир Путин, кој се обидува да го означи БРИКС како сојуз на „глобалното мнозинство“ и дел од напорите на Москва да го оспори доминантниот Запад и да ги оспори санкциите поврзани со руската агресија врз Украина.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков изјави дека БРИКС не ги заменува ОН, напротив, „ја надополнува и не се спротивставува на нејзината меѓународна природа“.

-Казахстан е наш пријател, наш стратешки партнер, наш сојузник. Ги цениме нашите односи. Тоа е првата работа. Затоа, се разбира, самиот Казахстан носи одлуки за форматот на своето учество во одредени организации, рече Песков. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан