• понеделник, 23 декември 2024

Кавадарци избра идејно решение за три фонтани во чест на Сашко Гешовски, прва жртва при распадот на Југославија

Кавадарци избра идејно решение за три фонтани во чест на Сашко Гешовски, прва жртва при распадот на Југославија

Кавадарци, 9 ноември 2023 (МИА) - Кавадарци избра идејно решение за три фонтани во чест на Сашко Гешовски, прва жртва при распадот на Југославија. Гешовски е првата жртва што Македонија ја даде при распадот на поранешна Југославија, загинувајќи во Сплит 1991 година на 20 годишна возраст, како војник.

 Активностите се дел од програмата на Општината за одбележување на значајни настани и истакнати личности. Весела Честоева, претседател на Одборот за спроведување на постапка за подигање на спомен обележјето, во изјава за МИА, потврди дека е избран идеен проект на фонтани, на кружниот тек кај новата автобуска станица во Кавадарци. Станува збор за најстариот кружен тек во градот.

Честоева,  инаку директор на Винскиот музеј, појасни дека се бараше идејниот проект да биде со симболика за животот на Сашко Гешовски, неговата младост. Идејното решение естетски да го збогати кружниот тек, а да не влијае врз сообраќајното решение.

Таа информираше дека креативноста, иновативноста и оригиналноста, усогласеноста со општиот амбиент, функционалноста и економичноста за реализација, беа критериуми при изборот на најдобро решение. 

Честоева соопшти дека вкупната сума за реализација на овој проект, е три милиони и двесте илјади денари, со ддв, со вклучен надомест за награди. Вкупниот фонд на награди изнесува сто илјади денари. Педесет илјади денари за прва награда, 25 илјади за втора и 15 илјади за трета, а десет илјади денари беше планирано да се распределат на другите учесници кои ги исполнуваат условите. Со оглед на тоа што беа пријавени четири идејни проекти, авторот на четврторангираниот проект добива десет илјади денари. 

-Со исплатата на наградите на авторите, Општината ги откупува авторските права да ги користи целосно и да врши измени во идејното решение, појасни Честоева. 

Првонаграден е трудот на Ванчо Недев, а второнаграден на Ангел Орданов. Грозданка Каникова Филиповска и Маца Каникова со своето дело ја освоија третата, а Димитар Филиповски, четвртата награда. 

Со првонаградениот идеен проект, се предвидува изградба на три фонтани во спомен на Гешовски. Идејното решение се состои од три фонтани од кои кружната фонтана што се наоѓа во средишниот дел, го симболизира споменот на Гешовски, кој иако веќе не е меѓу живите, се уште живее во срцата на жителите на градот. 

Средишната фонтана да биде кружна, обработена со бел мермер, што треба да симболизира невиност, храброст и лојалност. Самата фонтана да има високи млазови, што имаат за цел да бидат гласни, да го привлечат вниманието на минувачите, а со тоа да потсетува дека споменот на Сашко е се уште меѓу нас, и секогаш ќе биде тука, како потсетник на едно минато. 

Останатите две фонтани предвидено е да се со полукружна форма и поставени околу главната кружна фонтана. Двете полукружни фонтани да симболизираат раце што го штитат Гешовски. Полукружните фонтани треба да бидат со различна висина, изработени од темен и рапав материјал низ кој водата тече со тивок звук, како солзите што се пролиени за време на воените конфликти во 1991 година. На едната фонтана од внатрешната страна ќе биде испишано името на Сашко Гешовски, а на другата ќе биде испишана мисла што ќе потсетува дека некој во минатото за нас го дал својот живот. Затоа треба да го живееме животот во мир и добрососедство, се вели во техничкиот опис на првонаграденото идејно решение. 

Самото идејно решение, се додава,  претставува контраст помеѓу темно и светло, дека секогаш после тежок период, има светлина на крајот од денот. 

Фонтаните се планира да бидат поставени на зелена површина, во околината се предвидени да се посадат цвеќиња во шарени бои, симбол на радоста и среќата, како и нискожбунести дрва што рефлектираат чистота. 

На пониската страна од полукружната фонтана ќе биде испишана мислата ,,Хероите живеат вечно. Храброста и лојалноста остануваат засекогаш врежани во меморијата на една нација". На повисоката страна, со бронзени букви ќе бидат испишани датумите на раѓањето и загинувањето на Гешовски. 

Честоева нагласи дека со ова, Кавадарци потврдува дека не ги заборава и ги почитува луѓето што потекнуваат од овој град, а се значајни не само за кавадаречката, туку и за македонската и пошироката јавност. свд/љм/

Фото: МИА архива  и првонаграденото идејно решение 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан