• понеделник, 23 декември 2024

Кавадарци бара идејно решение за изградба на три фонтани во чест на Сашко Гешовски, првата жртва при распадот на Југославија 

Кавадарци бара идејно решение за изградба на три фонтани во чест на Сашко Гешовски, првата жртва при распадот на Југославија 

Кавадарци, 26 октомври 2023 (МИА) - Кавадарци бара идејно решение за изградба на три фонтани во чест на Сашко Гешовски, првата жртва при распадот на Југославија.  Активностите се дел од програмата на Општината за одбележување на значајни настани и истакнати личности.

Весела Честоева, претседател на Одборот за подигање на спомен обележјето, во изјава за МИА, потврди дека е објавен јавен конкурс за изработка на идеен проект на фонтани, на кружниот тек кај новата автобуска станица во Кавадарци. Станува збор за најстариот кружен тек во градот. 

- Идејниот проект треба да биде со симболика за животот на Сашко Гешовски, неговата младост. Идејното решение треба естетски да го збогати кружниот тек, а да не влијае врз сообраќајното решение, нагласи Честоева, инаку директор на Винскиот музеј. 

Таа информираше дека креативноста, иновативноста и оригиналноста, усогласеноста со општиот амбиент, функционалноста и економичноста за реализација, се критериуми при изборот на најдобро решение. 

Честоева соопшти дека вкупната сума за реализација на овој проект е три милиони и двеста илјади денари со ДДВ, со вклучен надомест за награди. Вкупниот фонд на награди изнесува сто илјади денари. Педесет илјади денари за прва награда, 25 илјади за втора и 15 илјади за трета, а десет илјади денари ќе се распределат на другите учесници кои ги исполнуваат условите. 

- Со исплатата на наградите на авторите, Општината ги откупува авторските права да ги користи целосно и да врши измени во идејното решение, појасни Честоева. 

Конкурсот трае до шести ноември. 

Гешовски е првата жртва што Македонија ја даде при распадот на поранешна Југославија, загинувајќи во Сплит 1991 година на 20 годишна возраст, како војник.

Честоева нагласи дека со ова, Кавадарци потврдува дека не ги заборава и ги почитува луѓето што потекнуваат од овој град, а се значајни не само за кавадаречката, туку и за македонската и пошироката јавност. свд/цр


Фото : МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан