• сабота, 21 декември 2024

Кабаре – концерт за лажици и гитара на Раде Шербеџија и Ленка Удовички на фестивалот РУТА во Драмски театар

Кабаре – концерт за лажици и гитара на Раде Шербеџија и Ленка Удовички на фестивалот РУТА во Драмски театар

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - На третото издание на меѓународниот театарски фестивал Рута во Драмски театар Скопје, на 16 октомври како претставник на Улисис од Хрватска ќе биде изведено кабаре – „Концерт за лажици и гитара“ под менторство на Раде Шербеџија и Ленка Удовички. Настапуваат Никола Недиќ и Марио Јовев. Продукцијата е на театарот Улисис и театарот EXIT. Автор на видеото е на Хрвое Залукар, а фотографиите се на Сашка Мутиќ, соопшти Драмски театар Скопје.

Во „Лажици и гитара“ двајцата артисти преку звуците на лажици, гитара, мандолина во својот настап кој наликува на музицирањето на трубадурите, говорат поезија, раскажуваат за својот живот, а низ нивниот „откачен“ настап говори „гласот на разумот“. Секоја изведена песна има своја приказна и колку и да звучат забавно на сцената, до публиката од секоја песна допира позадината и длабоката порака за светот во кој живееме.

„Концерт за лажици и гитара“ е авторски проект на Никола Недиќ и Марио Јовев во кој на многу духовит и сатиричен начин ги допираат проблемите од секојдневниот живот како што се корупцијата, криминалот, капитализмот и иселувањето на младите.

Во 2020 година на Меѓународниот актерски фестивал „Заплет“ за „Концерт за лажици и гитара“ Никола Недиќ и Марио Јовев добиле награда за најдобри млади глумци, а на 14. „Гумбекови денови“ во Загреб во 2021 година претставата го добила признанието за особен придонес и унапредување на кабаретскиот израз.

Кабаре – „Концерт за лажици и гитара“ доаѓа на фестивалот РУТА како претставник на театарот Улисис на местото на веќе најавената претстава  „Опера за три гроша“ со која од технички причини не се во состојба да допатуваат во Скопје.са/

Фото: Драмски театар

Остани поврзан