• недела, 24 ноември 2024

Италијанската крабрежна стража со хеликоптер спасила 32 мигранти од пуст остров крај Лампедуза

Италијанската крабрежна стража со хеликоптер спасила 32 мигранти од пуст остров крај Лампедуза

Рим, 3 април 2023 (МИА) - Италијанската крајбрежна стража денеска соопшти дека употребила хеликоптер во спасувањето на 32 мигранти, меѓу кои и едно дете, кои од претходниот ден биле блокирани на пуст остров во централниот дел на Медитеранот.

Спасувањето на мигрантите заглавени на островот Лампионе, што е дел од истиот архипелаг како и островот Лампедуза, се покажало невозможно по морски пат поради „екстремно неповолните морски и временски услови“, се наведува во соопштението на Крајбрежната стража.

Хеликоптерот во неколку наврати ги однел мигрантите до Лампедуза, вообичаената локација за истоварување на мигрантите кои тргнуваат по море од Тунис и Либија, иако имало ветрови со брзина и до 50 јазли, се додава во соопштението.

АНСА пренесе дека спасените мигранти потекнувале од Камерун, Брегот на Слоновата Коска, Гвинеја и Мали.

Претходно денеска добротворната организација „Alarm Phone“, која прима повици од бродови со мигранти во неволја, соопшти дека на брод со околу 500 лица на него му треба итно спасување во меѓународните води во близина на Либија. сд/

Остани поврзан