• недела, 24 ноември 2024

Истражување: Нема точни податоци за бројот на доделени Б-интегрирани еколошки дозволи од страна на општините кон фирмите

Истражување: Нема точни податоци за бројот на доделени Б-интегрирани еколошки дозволи од страна на општините кон фирмите

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) - Никој во земјава не располага со точниот податок за бројот на доделените Б-интегрирани еколошки дозволи, кои општините им ги издаваат на фирмите, чие работење влијае врз животната средина, се наведува во Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Во Регистарот што го води Министерството за животна средина и просторно планирање иматели на Б дозволите се 278 компании, а истражувањето, кое го објави денесдка ЦГК открива дека дел од дозволите што ги доделиле општините не се објавени во Регистарот, додека дел од фирмите иако ги затвориле инсталациите, сè уште се евидентирани во Регистарот.

Како што е наведено во соопштението на Центарот, фирмите носители на Б-интегрирани еколошки дозволи треба да плаќаат надоместоци по неколку основи, но дури и големите општини годишно на оваа основа вкупно собираат само по неколку илјади денари.

-Оваа состојба отвора сомнеж дека општините не им ги пресметуваат надоместоците за поседување на Б-интегрирана дозвола на сите носители на дозволите. А, дел од фирмите не ги плаќаат редовно ниту ваквите ниски надоместоци за кои се задолжени, се нагласува во истражувањето. 

Годишните надоместоци што ги плаќаат фирмите кои поседуваат Б-интегрирана дозвола се движат од 915 денари до 22.860 денари.

-Големите разлики во приходите што ги остваруваат општините врз оваа основа, упатуваат на заклучок дека нема воедначен начин на пресметување на надоместоците за Б-интегрираните еколошки дозволи. Со оглед на тоа што годишните надоместоци за најголем дел од инсталациите кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола се идентични секоја година, може да се толкува дека дел од инсталациите не доставуваат ниту годишни извештаи за мерењата за загадувањето и дека нецелосно им се утврдува годишниот надоместок, покажува истражувањето.

ЦГК нагласува дека општините немаат пракса да ги информираат граѓаните за приходите што ги остваруваат од фирмите кои се носители на Б-интегрирани дозволи, а отсуството на транспарентност го зголемува ризикот од злоупотреби.

- Општините немаат регистри на загадувачи. Дел од нив имаат изработено т.н. катастри на загадувачи, но на ниво на индустрии, а не и на поединечни фирми.  Секоја втора општина се соочува со недостиг на инспекциски кадар во областа на животната средина, се додава во истражување, кое е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година. аан/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан