• среда, 21 август 2024

Иранскиот Парламент ги прифати сите предложени кандидати за членови на кабинетот на претседателот

Иранскиот Парламент ги прифати сите предложени кандидати за членови на кабинетот на претседателот

Техеран, 21 август 2024 (МИА) - Иранскиот Парламент денеска ги прифати сите предложени кандидати за членови на кабинетот на реформистичкиот претседател Масуд Пезешкијан.

Тоа е првпат по повеќе од две децении лидер во Иран да успее да ги „провлече“ сите свои кандидати низ Законодавното тело.

Сите 19 функционери добија одобрување на денешното гласање, кое последен пат се случи во 2001 година.

Меѓу нив е и Абас Арагчи, дипломат од кариера кој ќе биде нов министер за надворешни работи на Иран.

Арагчи беше член на иранскиот преговарачки тим кој посредуваше во нуклеарниот договор од 2015 година со светските сили, според кој Техеран ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите.

Во 2018 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп ја повлече Америка од договорот и воведе дополнителни санкции кон Иран.

Пезешкијан за време на неговата претседателска кампања рече дека ќе се обиде да го оживее нуклеарниот договор.

Кандидат кој доби најмногу поддршка од пратениците е новиот министер за одбрана Азиз Насирзадех, кој доби 281 глас од 288 присутни пратеници. Насирзадех беше командант на иранските воздухопловни сили од 2018 до 2021 година.

Најмалку гласови, 163, доби министерот за здравство Мохамад Реза Зафарганди.

Единствената предложена министерка, министерката за домување и патишта Фарзана Садех, која е архитект, доби 231 глас. Таа е првата жена министер во Иран по повеќе од една деценија. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан