• сабота, 23 ноември 2024

Интернационален литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан

Интернационален литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан

Скопје, 17 септември 2023 (МИА) -  Во Скопје вечер ќе биде отворено 11. издание на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан на кој ќе биде претставено делото на еминентните автори од регионот. На отворањето во Даут пашин амам ќе присуствуваат писателите Драго Јанчар, Ренато Баретиќ, Даница Вукиќевиќ, Слободан Шијан, Владимир Левчев, Тарик Туфан и Снежана Младеновска-Анѓелков. 

Со гостите писатели ќе разговараат Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.

Освен гостите писатели од регионот, Фестивалот ПРО-ЗА Балкан годинава одбележува 10. години од програмата „Скопје фелоушип“, на која учествуваат седуммина професионалци од врвни книжевни агенции и издавачки куќи. Оваа програма годинава е дел од меѓународниот проект „Читај, сподели, уживај“. Се реализира во соработка со КУД Содобност од Словенија, а ко-финансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. На програмата ќе учествуваат: Роберто Домингез Моро (А.Ц.Е.Р, Шпанија), Марија Анџела Ферари („Саси едиторе“, Италија), Ника Мушич (КУД Содобност, Словенија), Орели Бонту-Рош (Либела“, Франција), Мауро Спањол („Букс евривер“, Италија, Јерг Зундермајер („Фербрехер ферлаг“, Германија) и Андреа Џентиле (Ил саџаторе, Италија). 

В понеделник и вторник членовите на Скопје фелоушип програмата ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи и други домашни издавачи. Членовите на програмата исто така ќе имаат можност да се информираат и за конкурсот за финансирање преводи на странски издавачи, од Министерството за култура.

На 18 септември, во 20 часот во Europe House Скопје ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата како (де)конструкција на стварноста“, што ќе ја модерира Владимир Јанковски. Во чест на режисерот Слободан Шијан, на 20 септември, во Кинотеката во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Кој тоа таму пее“. Пред проекцијата ќе разговараат Прокопиев и Шијан.

Лауреат на наградата „Прозарт 2023“ што фестивалот ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, е словенечкиот писател Драго Јанчар. 

-Бев воодушевен од веста дека жирито ме вклучи меѓу одличните добитници на оваа награда, од кои некои ги познавам лично и високо ги ценам достигнувањата на сите што сум ги прочитал. Наградата „Прозарт“ во своето име го има зборот уметност, уметност на прозата. Уметноста на прозата, т.е. да го најдам вистинскиот уметнички израз во раскажувањето за лични и општествени настани што ме возбудуваа или едноставно ме интересираа, всушност беше најважното нешто што го направив во мојот живот. И што сè уште го правам, изјави Јанчар.

Ако човек пишува толку години, додаде, се собираат и некои награди. 

-Но, ова е различно - ова признание ми е особено при срце, бидејќи голем дел од мојот живот е поврзан, добро или лошо, со балканскиот дел на Европа. Македонија ми е особено блиска на срцето, каде имам некои пријатели, каде што неодамна беа објавени некои мои прозни книги и каде што некогаш поставија брилијантна продукција на мојата драма „Големиот брилијантен валцер“, потенцира Јанчар.вј/цр

Фото: ПРО-ЗА Балкан

Остани поврзан