• петок, 26 јули 2024

Интензивно се гради патот до Филтер станицата во Карбинци

Интензивно се гради патот до Филтер станицата во Карбинци

Карбинци, 24 март 2023 (МИА)  - Изградбата на пристапниот пат до Филтер станицата за преработка на водата за пиење во Општина Карбинци е во напредна фаза. Градоначалникот на Општина Карбинци,  Виктор Паунов, очекува да заврши најдоцна до крајот на април. Општината ги има завршено своите обврски во однос на испитувањата на водата, но Паунов вели дека доколку е истечена важноста на тој документ, испитувањата ќе се направат повторно.

-Се работи на пристапниот пат до Филтер станицата, којшто е долг скоро  два километри. Тоа е нова траса, дел од тој пат, така што очекувам до крајот или средината на април да бидат целосно овие активности завршени со асфалтирање на овој пат, за да може понатаму да побараме и употребна дозвола од страна на Министерството за да може да склучиме и договор со ХС Злетовица“ и, конечно, еве, очекувам во текот на пролетта да ги завршиме сите овие постапки за да ја приклучиме и оваа вода за да имаме во повеќе населени места чиста и здрава вода за пиење, рече  Паунов.

 Реализацијата на проектот доцни нешто повеќе од половина година, имајќи предвид дека првичните најави беа Карбинци да се приклучи на Хидросистемот „Злетовица“ најдоцна до август минатата година. Пречките меѓу инвеститорот и изведувачот постојано го пролонгираа рокот, а дополнително пролонгирање, според градоначалникот Паунов, ќе значи нови проблеми во летниот период во однос на водоснабдувањето.

-Во овој момент функционираме во рамките на нормалното, да речеме, меѓутоа доколку задоцниме повторно и доколку дојде летниот период, тогаш би имале повторно проблеми во однос на квалитетот и квантитетот на водата за пиење, којашто ја дистрибуираме, така што повторно ќе кажам, очекувам да се заврши оваа постапка пред започнување на летниов период за да може да ги немаме овие проблеми, рече Паунов.

Поврзувањето на општина Карбинци со ХС Злетовица се чека околу три години, бидејќи пред толку време беше изградена Филтер станицата, до која сега се гради пристапниот пат. Сепак, поврзувањето со „Злетовица“ нема да значи откажување од бунарскиот систем, туку користење комбиниран систем за водоснабдувањето. вдј/хс/

Фото: Општина Карбинци  

Остани поврзан