• петок, 22 ноември 2024

Институтот за демократија со анализа за долгорочно стратешко планирање за борбата против корупцијата до 2030 година

Институтот за демократија со анализа за долгорочно стратешко планирање за борбата против корупцијата до 2030 година

Скопје, 23 февруари 2023 (МИА) - Институтот за демократија денеска ја претстави анализата за состојбата со корупцијата до 2030 година којашто има цел да овозможи подготовка на долгорочно стратешко планирање, во кое ќе се земат предвид идните можни состојби во борбата против оваа негативна општествена појава. Истражувачот Миша Поповиќ во изјава за медиумите рече дека често пати сме изненадени од некоја нова форма на корупција, нова пракса, нов проблем и дека идејата на оваа анализа е да се развие една дискусија за тоа што можеме да очекува.

- Се работи за форсајт анализа, односно анализа за тоа каква ќе биде корупцијата до 2030 година за да може да се подготви долгорочно стратешко планирање и да се земат предвид идните можни состојби. Често пати сме изненадени од некоја нова форма на корупција, нова пракса, нов проблем. Идејата на оваа анализа која што ја работевме беше да се развие една дискусија за тоа што можеме да очекуваме, рече Поповиќ во денешната изјава за медиуми пред одржувањето на Конференцијата “Антикорупција 2030: Сегашни и идни антикорупциски предизвици”.

Тој нагласува дека не е лесно да се предвиди иднината, но оти со оваа анализа се прави обид за почеток на еден процес во кој ќе се факторизираат,  обмислат и ќе се направат долгорочни подготовки за сите отежнувачки и олеснувачки фактори во борбата против корупцијата, како економски развој, конфликти, на пример како војната во Украина, која има влијание врз расположливoста за финансирање на борбата против корупцијата.

- Истовремено се очекува ризик од трговија со оружје, што е отежителна околност во борбата против корупција, економскиот развој или отсуство на развој значи миграции, тоа значи помалку луѓе во борбата против корупција, помалку поддржувачи. Сето тоа што можеме да го размислиме за тоа како би изгледала 2030 година за да се подготвуваме уште отсега за тоа, додаде тој.

Во врска со генералната ситуација кај земјава, каде и покрај постојаните повици за борба против корупцијата од страна на институциите, сепак таа е присутна во општеството, Поповиќ рече дека една од работите за која што се дискутира е како како натаму да се развиваат институциите, без разлика дали има или нема волја за справување со овој феномен. 

- Нормално ако има поголема политичка волја работите ќе се движат побрзо. Меѓутоа дури и да нема, има можности преку меѓународната помош, но и во рамки на реформските сили, коишто постојат во секоја од политичките партии, па и во институциите, да се изгради некаков отпор од политичкото ниво, рече тој.

Според него, се покажува дека институциите развиваат одредени капацитети на отпорност под притисок од јавноста, под притисок од новинарите, под притисок од одредени реформисти во политиката, под меѓународен притисок. 

На прашањето дали може да се очекува роднини на функционери, судии и обвинители да се борат со криминалот и корупцијата, Поповиќ рече дека под одреден притисок и под засилена внатрешна контрола може да се развијат внатрешни механизми, коишто ќе спречат судир на интерес и отстранување на блиски лица во истраги за политичарите.

Анализата беше подготвена во соработка со главните институции во државата, кои се борат , како што се Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Царина, Управата за јавни приходи, Инспекцискиот совет, Комисија за заштита на конкуренција, Финансиска полиција, како и претставници на граѓанското општество, како дел од процесот на стратешко планирање за справување со предизвиците кои ги носи борбата против корупцијата. сх/ац/

 

Остани поврзан